Во врска со денешниот протест на Роми, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека тие се манипулирани и злупотребени од Јавното комунално претпријатие од Гевгелија и гевгелискиот градоначалник кои ги ангажирале во Прифатниот транизтен центар „Винојуг” без никаков Договор за ангажирање со кои се уредуваат нивните права и обврски.
– Локалните власти од Гевгелија не одговараат на повиците за средба во Министерството за труд и социјална политика, а Јавното комунално претпријатие одбива да го потпише Договорот за деловна соработка со Министерството за труд и социјална политика со кој ќе обезбеди финансиски надомест за претпријатието согласно со Ддоговорот со донаторот. Избегнувајќи ја одговорноста за нивниот несериозен однос кон настанатите состојби со бегалската криза и потребата од вонредни ангажмани на институциите, локалните власти под партиска директива проблемот што го создадоа го префрлија на Министерството за труд и социјална политика, наведува МТСП во пишаната реакција.
Министерството наведува дека во интерес на решавање на проблемот, денеска на двочасовна средба меѓу претставниците на штрајкувачите и министерката за труд и социјална политика, биле донесени неколку заклучоци кои, посочува МТСП, се спротивни на изјавите објавени во медиумите од страна на претставниците.
– Беше договорено ангажирање на хигиеничари за кои има позитивна оценка за досегашното работење, а за останатите кои нема да бидат ангажирани во ПТЦ „Винојуг”, Јавното комунално претпријатие да побара ангажман преку Проектот за општокорисна работа на барање на Општината Гевгелија. Претставниците на хигиеничарите истакнаа дека иако до сега не барале прием од локалните власти кои работно ги ангажирале, ќе побараат прием и кај градоначалникот на Гевгелија и кај директорката на Јавното комунално претпријатие, информира Министерството.