Работодавачи во две трудоинтензивни дејности во три региони во земјава не го почитувале законот за исплата на минимална плата, плаќајќи им на работниците за скратен работно време иако работеле полно, и терајќи ги да им дадат овластувања да ја повлечат нивната плата и потоа да им исплатат пониски од законски предвидените.
– Изминатиот период дојдовме до сознанија дека во приватниот сектор работниците им даваат овластувања на работодавачите да ја повлечат платата и да им исплатат пониска од законската. Тоа е злоупотреба на работникот и е незаконски.
Ова е исклучитено непопуларна појава за која досега нема доставени дојави или пријави до Инспекторатот за труд, но факт е дека проблемот постои, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро ристовски.
Тој информира дека Инспекторатот за труд направил акциски план за вршење контроли за обврзниците кои имаат вработено работници на скратено време за да утврдат дали тие навистина работат со неполно работно време или пак овој институт се користи за да се избегне исплатата на минималната плата.
– Апелирам до сите работодавачи да не се доведуваат во искушение и да не се обидуваат да ги изиграат законите бидејќи последиците за нив како правни субјекти можат да бидат долгорочни. Од друга страна секое непочитување на правата на работниците подразбира и непочитување на човековите права. Ние ќе бидеме безмилосни кон злоупотребувачите и нема да дозволиме некој да профитира врз грбот на работникот, рече Ристовски.
Министерот ги повика сите работници кои имаат сознанија за вакви неправилности или пак се лично засегнати од нив да пријават во Министерството на бројот 15 131 или во Управата за јавни приходи на 198. Најави дека ќе се постапува по секоја пријава, а пријавувачот може да остане анонимен.
Директорот на УЈП Горан Трајковски појасни дека случајот на повлекување на платата и исплата на пониска има елементи од кривично дело од стилот на уцена, подведување, бидејќи, како што рече, кога доаѓа до регуларна исплата на платата работникот е условен да се врати следниот ден на работно место доколку во кеш депонира кај работодавецот одредена сума пари.
– Во одредени случаи на ова му е дадена и правна рамка, при што работниците со работодавачот, надвор од договорот за работен однос, имаат склучено договор за позајмици. Во овој правец апелирам до работниците дека Законот за персонален данок на доход препознава јасно категорија на потекло на имот без разлика што таа е покриена со правен акт договор меѓу две лица, согласно Законот за јавни облигации позјмица може да даде оној кој е во добра економска кондиција. Законот за даночна постапка дава можност ваквите договори да ги сметаме за привидни правни зделки за даночни цели и лицата кои склучил се изложуваат на ризик да бидат оданочени со 70 посто на дадената позајмица, а примателот да биде подведен под категорија неовластено стекнување приходи, рече Трајковски.
Во Македонија минималната плата е утврдена во 2011 година, а почна да се преминува во 2012 година. Таа изнесува 8.050 денари. За непочитување на законот за минимална плата предвидени се глоби во износ од 6.000 до 7.000 евра ако работодавач не му исплати на работникот минимална плата, а 3.000 до 4.000 евра за одговорното лице. За непочитување на работното време на работникот согласно договорот предвидени се казни од 2.000 до 3.000 евра за работодавачот и од 1.000 до 2.000 евра за одговорното лице.