Малолетник од Старо Нагоричане е лицето кое шутираше куче на игралиште во Куманово. Полицијата го открила неговиот идентитет, по што тој бил повикан во полициска станица каде дал изјава за случајот, велат од МВР за „А1он“. Засега, на сослушување не се повикани останатите лица кои беа заедно со лицето кое го удри кучето, а кои го снимаа, се смееа и поддржуваа.
„Станува збор за малолетно лице од село Стрезовце. По целосно документирање на случајот, ќе има и соодветна пријава против него“, велат од МВР за „А1он“.
Пронаоѓањето на малолетникот кој шутираше куче доаѓа по три поднесени пријави против него, од страна на граѓани. На него, му се заканува затвор до една година, според Кривичниот законот и членот 233 каде пишува „Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.
За случајот се дозна откако лицата кои се снимале, видеото го објавија на социјалните мрежи. Следуваше бура од реакции од јавноста за постапката на малолетникот, по што снимката беше избришана заедно со нивните кориснички профили.
Од снимката се гледа како момчето кое снима вели: „Еве ги пријаелот каде се чеша“ на кумановски дијалект, а потоа, другото лице со залет го удира силно кучето во пределот на стомакот. Кучето со болка и плач избега. На крајот од видеото повторно се слуша како лицето вика: „Го ритна несакајќи“.