Огромен е интересот на граѓаните за огласот за вработување на 1.600 лица од најзагрозените социјални категории. Досега пристигнати се 15.600 апликации, а нивниот број се очекува да достигне до 30 илјади.
Ова беше истакнато денеска на форумoт „Вработувања на 1.600 лица од најзагрозените социјални категории“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информира дека во планот за 2013 година обезбедени се околу 554 милиони денари за активните мерки за вработување, преку кои се планира повеќе од 10 илјади луѓе да се вклучат во овој процес, како невработени лица и за обука на невработените лица за стекнување вештини и за почнување свој бизнис.
Вработувањето во секоја земја, како што рече, е проблем и вработувањето во Република Македонија не е едноставна работа. Тој истакна дека сите млади луѓе не треба да очекуваат оти системот ќе им обезбеди работни места.
– Треба сите максимално да се посветат во насока на обучување, образование и стекнување дополнителни способности, да се размислува во насока на претприемништво и за тоа како да се развие мал бизнис, додаде Спасов во Домот на АРМ.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски информира дека огласот за вработување на 1.600 лица излегол на 22 мај, а завршува за една недела.
– Заинтересираноста е огромна. До вчера имавме пристигнати 15.600 апликации. Дневно доаѓаат по 1.200-1.300 апликации по пошта, а документи носат по 300-400 лица, рече Караџоски, кој смета дека бројот на апликации ќе достигне од 25 до 30 илјади.
Сите 1.600 лица ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, на работни позиции помошници-работници, референти и соработници или советници. Потоа ако има потреба ќе има нивно преземање.
– За вработување на овие лица се обезбедени средства. ЈП „Македонски шуми“ направи ребаланс на својот буџет. Обезбедени се средства од 3 милиони евра. Овие средства „Македонски шуми“ досега ги даваше за надворешни извршители, приватни фирми кои учествуваа на тендер и ја работеа основната дејност во претпријатието, појасни Караџоски.
Според Светлана Јакимовска, пратеник и потпретседател во Собранието на Република Македонија, станува збор за голем проект, позитивно прифатен од граѓаните. – Нема сомнеж или негативности за овој проект, подвлече Јакимовска.
Со огласот се опфатени четири категории на граѓани – долгорочно невработени лица, кои во континуитет или повеќе од 10 години бараат работа, лица од многудетно семејство, самохрани родители и семејства каде нема ниту еден член вработен. На огласот лицата треба да достават само уверение за државјанство и фотокопија од документ за завршено образование.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, кој ги презенитраше владините мерки за вработување, ги повика младите да аплицираат на огласот за практиканство, што ќе излезе следната недела и на огласот за обука кај познат работодавач.
Весна Петрова, претставник на Здружението на самохрани родители „Надеж“, и се заблагодари на Владата за одлуката да вработува самохрани родители.