Центрите за социјална работа во Струмица, Ресен, Пробиштип и Свети Николе ќе се реконструираат. Постапката за избор на изведувач веќе е започната.
Реконструкцијата се предвидува да започне во ноември, а да заврши до крајот на годината. Планирано е да се изврши замена на прозорците, вратите, електричната инсталација, систем на греење и ладење и на санитариите.
– Со реализацијата на овој проект значително ќе се подобрат условите за работа на стручните работници, но ќе се подобрат и условите за граѓаните кои ги остваруваат правата и услугите во центрите за социјална работа, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на Центарот за социјална работа во Струмица.
Тој најави дека е планирана и реновирање на уште седум центри за социјална работа која ќе започне до крајот на годината, а дополнително преку ИПА програмата е предвидена реконструкција на 18 центри за социјална работа во 2014 година. Со процесот се предвидува набавка на мебел, опрема за видео надзор, уредување на внатрешниот и надворешниот ентериер.