Државниот пазарен инспекторат нема доволно инспектори, но оние што ги има максимално се ангажирани во проверки за почитувањето на протоколите за заштита од Ковид-19, вели директорот Стојко Пауновски.
Денес добиле известување дека планот за нови вработувања за оваа година им е одбиен.
„Дека имаме доволно инспектори-немаме, но максимално се искористени сите што ги имаме. Се што е инспектор советник и помлад инспектор и дење и ноќе се на терен. Имаме барање до Владата за нови вработувања, во планот за оваа година 20 нови инспектори, а 37 вработени, главно инспектори ни заминуваат во пензија до крајот на годинава. Денес добивме известување известување дека ни е одбиен планот, требало да се заштеди и максимално да ги искористиме капацитетите на другите институции. Но која е таа институција од каде што може да земеме инспектори и веднаш да ги пратиме на терен? Една до две години трае обуката на младите инспектори“, рече директорот Пауновски.
Тој е благодарен за дојавите што ги добиваат оти им помагале на вистинско место да ги испратат инспекторите.
„Благодарам на сите што ни вршат дојава. Колку и да се инспекторите на терен, додека се на едно место може да се прекршува на друго место. Потребна ни е помош од сите. Оваа битка не ја водиме само ние како Инспекторат туку ја водиме сите заедно“, нагласи директорот Пауновски.
Од 5 до 11 октомври Државниот пазарен инспекторат направил 2881 контрола и 290 вонредни инспекциски надзори поврзани за здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти, согласно важечките закони. Поднесени се 23 прекршочни пријави и 19 кривични пријави за непочитување на протоколите за заштита од Ковид – 19.
Инспекторите за време на викендот без ДДВ регистрирале и 15 прекршоци на Законот за трговија и на Законот за заштита на потрошувачите. Тие контролирале дали истакнатите цени на производите се исти со цените запишани во деловните книги.