Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска во Кавадарци го отвори малиот групен дом за деца во социјален ризик, прв од ваков вид во Република Македонија.
– Кавадарци е познат по голем број револуционерни процеси, а ова е уште еден од нив. Ние и натаму продолжуваме со процесот на деинституционализација. Ова е помала форма на згрижување на децата во социјален ризик каде што ќе се обезбеди многу поголема грижа за овие деца. Ваквиот начин на сместување, според наше убедување, но и според праксата во земјите од Европската Унија покажува дека е подобрен квалитетот на раст и развој кај децата кои во одреден период од својот живот имале психосоцијални проблеми, рече министерот Ристовски.
Меѓу пет и осум дечиња од 7 до 14 години ќе бидат сместени во малиот групен дом во неколку простории со сите потребни стандарди. За адаптација на просторот Министерството има обезбедено милион и 500 илјади денари, а целосно стои зад финансирањето.
– Ова е мотив вакви домови да се отворат и во други општини во услови кога се има поддршка од локалните самоуправи. Се надевам дека примерот ќе го следат другите, а најголема придобивка ќе имаат младите, нагласи Ристовски.
Преку центрите за социјални работи Министерството ги детектира децата во социјален ризик. Станува збор за деца со послабо поведение, агресивност кон другите и слично.
– Ваквиот начин на згрижување дава резултати оти директно се работи со помала група на деца. Со нив ќе работи стручен тим под надлежност на Центарот за социјални работи. Овде децата ќе бидат сместени од шест до 18 месеци. Доколку не се подобри нивното однесување се применуваат дополнителни методи. Паралелно додека се работи со нив ќе се работи и со нивните биолошки семејства, а децата подоцна можат да бидат и посвоени. Неспорно е дека во најголем број случаи нарушувањето на воспитно социјалното однесување кај ваквите деца е резултат на нивните биолошки семејства, истакна министерот за труд и социјална политика.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов истакна дека општината помага при реализацијата на сите проекти од страна на Министерството за труд и социјална политика, а го анимира за помош и бизнис секторот.
– Ранливата категорија граѓани не треба да се остави сама на себе, туку треба да и се помага. Убаво е да се има ваков дом иако најубаво е да немаме потреба во него да сместуваме млади, рече Панов.
Вања Маневска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Кавадарци, посочи дека во малиот групен дом за деца од социјален ризик ќе работи стручен тим од повеќе профили. За време на викендите децата ќе можат да ги посетуваат семејствата. Но и родителите ќе можат да го посетат домот. Во овој прв ваков дом ќе доаѓаат деца од целата држава.