Охрид повеќе пари дава за концерти на балкански ѕвезди отколку за уривање на дивоградбите

Од:

Со помалку од 25 илјади евра градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, планира да урне 1.076 дивоградби на територија на општината. Иако од почетокот на годинава масовно се објавува дека Охрид врие од нови дивоградби, тендерот за уривање е распишан дури во петокот. Ако цената на тендерот се подели со бројот на дивоградби, ќе се заклучи дека Георгиевски бара фирма што ќе наплати нешто повеќе од 20 евра за да урне еден објект. Оттука, се погласни се тврдењата дека тендерот е наменски објавен со ниска сума, за фирмите да немаат профит туку загуба, а со тоа, никој да не се пријави на наддавањето.

За споредба, Охрид изминатата година повеќе пари одвои за финансирање на концертите организирани од приватни продукции, отколку за уривање на дивоградбите кои го загрозуваат УНЕСКО-статусот.  Сумата одвоена за уривање дивоградби од околу 25 илјади евра е трипати пониска, споредено со сумата во износ од 90 илјади евра, платени од општинската каса за концертите на Северина, Марија Шерифковиќ и Цукеро.

За општината поголем приоритет имале и медиумите, на кои изминатата година Охрид им исплатил околу 40 илјади евра за рекламирање. Сумата е речиси двапати повисока од предвидените пари за уривање 1.076 дивоградби.

Најважниот критериум за Охрид е фирмата што ќе се пријави да даде пониска цена од 1.5 милиони денари односно 25 илјади евра за да склучи договор за рушење на дивоградбите во период од една година. Од останатите критериуми, фирмата треба да има по еден камион (кипер), булдожер, ровокопач со корпа и чекан, дигалка, оксигенски боци, компресор, виљушкар и четири работници.

Во изминатите месеци „А1он“ објавува дека во Охрид има и тековни дивоградби, кои се во заштитеното јадро на градот. Објектот кај Чинарот и бетонската база на стариот пат Охрид-Струга, кои се во сопственост на советникот во општината, Нефи Усеини, сè уште се градат. Општината нема поднесено кривична пријава против Усеини, а тендерот го распишува откако тој ги завршува градежните активности. Укажување за уривање на дивоградбите има и од УНЕСКО, кој бара градот да биде ставен на листата на загрозено светско наследство.

Од еколошката организација „Фронт 21/42“ велат дека од ноември 2017 до април 2019 година наместо да се срушат 250 дивоградби, тие биле легализирани. Од УНЕСКО испорачаа низа барања од државата, а меѓу првите е да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација. Но, од општината немаа слух за ваквите барања.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион