Одложена правда – 2019 година меѓу СЈО и ЈО

Од:

Јавноста изминатата година „прочита“ и разбра за сите правни недоречености, можни читања на правото и „црни дупки“ во Законот за казнено право преку следењето на текот на Т-случаите, кои годината ја почнаа во СЈО, а ја завршуваат во ОЈО.

Специјалното јавно обвинителство 2019 година ја започна со 20-тина предмети во Основниот кривичен суд, од кои неколку кон крајот на постапката. Но, наместо разврска на неколкугодишните судски предмети, тие во јули „застанаа“, а СЈО Катица Јанева, наместо да држи годишна прес-конференција, годината ја заврши на обвинителна клупа за случајот „Рекет“, каде што заедно со Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоки Милевски-Кичеец е обвинета за злоупотреба на службената должност и овластувања.

Случаите од СЈО преминаа во ЈО. Некои, иако со многу одложувања и одолговлекувања по разни основи сепак продолжија, а неколку беа и вратени од почеток поради промена на судечкиот совет. За некои беше изречена пресуда, но неправосилна, па или се вратени на повторно судење или чекаат казната да биде правосилна.

Во Основниот кривичен суд во Скопје заврши најголемиот судски предмет за „27 април“, а во декември стартуваше можеби најинтересниот судски предмет „Рекет“. Додека цела година се чека оценка на обвинителен акт за организаторите на случувањата во Собранието од 27 април 2017 година, Уставниот суд поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година на Ѓорге Иванов.

Изминатата 2019 година во судството започнаа и беа отворени многу работи и постапки, но и за многу работи завршница останува да чекаме во претстојната 2020 година…

Катица Јанева – од СЈО до обвинета за помалку од година

– На 5 јуни 2019 година Јанева како специјална јавна обвинителка изјави дека дала одобрение да му биде вратен пасошот на одредено време на бизнисменот Орце Камчев, бидејќи истрагата во делот на прибирање на финансиската документација е завршена и се анализира во моментот. Иако Јанева тогаш посочи дека Обвинителството дава само мислење, а судот е тој што ја донесува одлуката за враќање на пасошот, ваквата одлука подоцна ќе се покаже како една од причините за проширување на обвинението за случајот „Рекет“.

– На 15 јули 2019 година Јанева ја депонира оставка на функцијата, пред истекот на мандатот. Оставката треба да биде активирана во моментот кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник.

– Истиот ден под сомнение за изнудување пари беа приведени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, за што судот им определи мерка притвор. Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од бизнисменот Орце Камчев против кој се водела истрага.

– На 8 август италијанскиот весник „Ла верита“ во онлајн изданието објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан Камчев. Се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија, а се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја споменуваат и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Изјави за случајот „Рекет“ во ОЈО дадоа обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, како и нивната шефица Катица Јанева.

– На 21 август полицијата по налог на ЈО ја приведе специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања заради стекнување лична корист во проширената истрага за „Рекет“. Одредена ѝ е мерка притвор во траење од 30 дена.

– На 14 септември Собранието ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за“, без воздржани и против.

– На 19 ноември Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јанева и ѝ одреди мерка куќен притвор.

– На 10 октомври Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец, осомничени во случајот „Рекет“.

– На 3 декември Јанева седна на обвинителната клупа во Основниот кривичен суд Скопје.

На стартот на случајот „Рекет“ еден од тројцата обвинети призна вина

На 3 декември во Основниот кривичен суд во Скопје почна судењето за случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец. Првообвинетиот се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а двете други лица за „примање награда за противзаконско влијание“. Второобвинетото лице се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска.

– На првото рочиште Бојан Јовановски и Катица Јанева се изјаснија дека не се виновни, додека третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец го призна делото.

– На 4 декември третообвинетиот за случајот „Рекет“ Зоран Милевски-Кичеец доби казна затвор од три години за примање награда, откако на почетокот на судењето го призна делото.

Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска образложи дека Кичеец е виновен затоа што со Боки 13 преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел врз Јанева да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка што ја водело СЈО по наредба на тогаш специјалната обвинителка Јанева за спроведување истражна постапка против Јордан Камчев во предметот „Империја“, односно да му ја укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.

– Како сведоци за „Рекет“ во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинар од телевизијата 1ТВ…

Судењето за случајот „Рекет“ продолжува на 3 јануари 2020 година, кога треба да сведочи заменичката на Јанева, обвинителката Елизабета Јосифовска.

Случајот доби нов тек откако истрагата на 9 октомври се прошири на уште четири лица, меѓу кои потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13 Миле Јовановски и асистентка на Јовановски Христина Блажевска.

Т-случаите од СЈО преминаа во ОЈО

Проблемите за Специјалното јавно обвинителство почнаа уште на стартот на 2019 година, кога Врховниот суд во јануари соопшти дека СЈО не може да поднесува обвиненија по истекот на рокот од 18 месеци. Додека преговорите за законот за ЈО, со кој требаше да се реши статусот на СЈО, заглавија, предметите од СЈО преминаа во ОЈО.

– На 4 септември 2019 година Јанева од притвор во истражниот затвор во Шутка како осомничена за случајот „Рекет“ даде полномоштво сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ.

– На 16 септември Советот на јавни обвинители го констатира прекинувањето на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство. Претседателот на Советот, Ацо Колевски, по седницата изјави дека досегашните обвинители на СЈО треба да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.

– На 20 септември 2019 година Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) презеде вкупно 171 предмет од СЈО.

Од ЈОРСМ информираа дека презеле три предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмета за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети што се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, шест предмети што се во предистражна постапка, 80 РО предмети од кои дел се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вонредни правни лекови.

Одложувања и застарување на судски рочишта – причина за повик за ветинг во судството

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, во јуни 2019 година во врска со обвинувањето од СЈО дека нивните предмети во Кривичен суд траат предолго поради одложувањето на рочиштата рече дека статистиката покажува оти одложувањата најчесто се поради отсуство на некој од обвинетите или адвокатите кои не се присутни поради друго судење.

За 15 предмети на СЈО посочи дека има насрочувања скоро секој ден, односно насрочени се 372 рочишта од кои 248 или 66 отсто се одржани, а 124 биле одложени.

Нагласи дека започнувањето на предметите од почеток се случило кај четири предмети, кај еден од нив поради промена на еден од судските поротници, а во трите случаи поради тоа што во рок од 90 дена не бил одржан претрес. Промена на судски поротник имало во случајот „Тортура“, а претрес во рок од 90 дена немало во „Трезор“, „Насилство во Општина Центар“ и „Тендери“.

На 21 ноември министерката за правда Рената Дескоска изјави дека се залагаат за ветинг и оти чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на тој процес.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски вели дека треба да се размисли дали во овој момент е потребен или не ветинг на судиите и јавните обвинители.

Кон крајот на годината премиерот Зоран Заев изјави дека ќе спроведат процес на прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители, но дека не треба да се користи терминот ветинг.

– Поимот ветинг не треба да го употребуваме заради тоа што ветингот, посебно во регионот, симболизира една поинаква постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, што претходно беше на меѓународни комисии. Ние сме во понапредни фази со реформските закони, пред сè во правосудството, дадовме сериозни алатки каде што самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето, објасни Заев.

Ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште во декември да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.

Законот за ЈО заглавен во Собранието, Министерството за правда најави нов предлог-закон

Работните групи на власта и опозицијата од почетокот на годината одржаа повеќе средби за законот за јавно обвинителство, кој е еден од условите за добивање датум за отворање на преговорите со ЕУ. Главните разлики се идниот статус и функционирање на СЈО, судбината на постапките што веќе се почнати и употребата на доказите. Сепак, откако се обезбеди трансфер на предметите на СЈО во ОЈО, министерката за правда Рената Дескоска кон крајот на годината најави дека се подготвува нов предлог-закон за јавното обвинителство.

Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство влезе во собраниска процедура на 27 август. Во меѓувреме позициите на двете страни остнаа непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира, е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека, пак, опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.

На 18 ноември 2019 година министерката Дескоска рече дека ако немаме согласност за квалитетен закон за јавно обвинителство, подобро е да не се донесе отколку да се донесе закон само заради закон, со оглед на тоа што веќе е обезбеден трансферот на предметите на СЈО во ЈО.

Министерството за правда на 19 декември 2019 година информира дека подготвува нов предлог-закон за јавното обвинителство, кој наскоро треба да биде доставен во Влада, а потоа и до Собранието.

Со ова законско решение, меѓу другото се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите.

Од Министерството за правда велат дека со овој предлог-закон надлежностите на СЈО треба да ги преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, со што тоа ќе биде надлежно за гонење висока корупција. Новото законско решение предвидува обвинителите од СЈО да продолжат да постапуваат по истите предмети што се предадени ЈОРСМ, што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО.

Во предлог-законот се предвидува државното Јавно обвинителство да ги чува снимките од незаконското прислушување, односно т.н. бомби, кои не се предадени како докази во судовите. Предвидено е, како што информираат, по истекот на три години од правосилното завршување на постапките, тие материјали да бидат уништени во согласност со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, во согласност со законот, а записниците за уништувањето да се доставуваат до државниот јавен обвинител.

За да биде донесен овој закон, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

Оценката на обвинителниот акт за организаторите на „27 април“ се чека цела година

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година во Кривичниот суд се водеа повеќе постапки со кои беа опфатени директните извршители. Пресуди беа донесени за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села и за сторителите на насилни дејства во Собранието. Додека едни добија и повеќе години затворска казна, други со закон донесен од истото Собрание беа амнестирани. Некои од обвинетите во своите искази од обвинителната клупа отворија нови моменти за улогата на некои повисоки структури во организацијата на случувањата, па обвинителството најави дека ја проширува истрагата за организаторите.

Неколку лица се во притвор, но сепак оценката на обвинителниот акт и евентуалниот почеток на судскиот процес ќе се чека во 2020 година. Во меѓувреме, кон крајот на годината повторно беше актуализирана за многумина спорната амнестија на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, поради иницијативата пред Уставниот суд за оценка на членот со кој се поништува.

Најголемиот судски предмет за „крвавиот четврток“ во Собранието започна во август 2017 година против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, а согласно Законот за амнестија за настаните во Собранието донесен во декември 2018 година беа амнестирани 15-мина обвинети. Случајот заврши на 15 март кога судот на шеснаесет од седумнаесетте обвинети во настаните им даде вкупно затворска казна од 211 години, додека еден беше ослободен од обвинение.

ОЈО за гонење организиран криминал и корупција на 31 мај 2019 година до Кривичниот суд Скопје поднесе обвинителен акт против четири лица, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста поврзани со случувањата на 27 април 2017 година во Собранието.

На 30 септември претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, најави дека оценката на обвинителниот акт за организаторите на настаните од 27 април ќе се случи во брзо време. Посочи дека од страна на Кривичниот суд повеќе пати е определуван Совет за оценка на обвинението, но на закажаните претреси одбраната поднесувала барања за изземање на судиите и досега осум од вкупно девет судии во одделението за организиран криминал се изземени.

Уставниот суд на седница на 27 ноември 2019 година поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

На 29 ноември 2019 година актуелниот претседател Стево Пендаровски оцени дека евентуалната одлука на Уставниот суд со која практично би се активирало помилувањето што го даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на осомничени за сериозен криминал што беше предмет на истраги на СЈО би бил директен удар на демократијата и правната држава.

На 4 декември собраниската Законодавно-правна комисија заклучи дека нема потреба за давање автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.

МИА

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства

Нова амнестија: На слобода сите осудени на затвор до шест месеци, ВМРО ќе го блокира Законот

Орце Костов