Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Од:

Продолжува кавгата преку преписки и реакции на обвинителството и министерот за правда Кренар Лога. Обвинителството преку соопштение реагира дека забелешките на министерството биле неточни во неколку делови, односно дека има податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки, наспроти тврдењето од министерството за правда, но и дека во Извештајот на Европската комисија не се критикува Јавното обвинителство.

„Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1.087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение“, стои во соопштението на обвинителството.

Од таму тврдат дека во Извештајот на ЕК се бара на обвинителството да му се овозможат сите услови за работа и непречено вршење на функцијата.

„Во однос на цитираните делови од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, точно е дека во него се наведува дека зајакнувањето на капацитетите на истражните центри и на јавните обвинителства воопшто се клучни за ефикасност на истрагите, но во ниту една реченица од Извештајот не се критикува Јавното обвинителство на РСМ за таквите состојби. Напротив, Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата. Ова е нешто што и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го нагласува во сите јавни настапи, а го бара и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата“, наведуваат од обвинителството.

Според нив, посебен извештај за користење на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази нема, со образложение дека таквото снимање согласно закон претставува можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска.

„Ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка. Впрочем, законитоста на доказите и почитувањето на човековите права при нивното обезбедување го цени судот. Јавното обвинителство до овој момент не добило никаква забелешка од релевантни судски органи или меѓународни институции во поглед на употребата на овој систем“, наведуваат од ОЈО.

Обвинителството тврди дека годишниот извештај за работата на јавните обвинителства не содржи и не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители, затоа што оваа постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства.

„На донесените одлуки и мерки од Дисциплинската комисија јавните обвинители имаат право на второстепена постапка пред Советот на јавните обвинители кој е посебен орган и чии одлуки исто така не можат да бидат опфатени со предметниот извештај. Доколку Министерството за правда има потреба да добие извештај за работата на Дисциплинската комисија, податоците за донесени одлуки се јавни и доставени до повеќе медиуми и надлежни органи кои покажале интерес за ова прашање. Имено, од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители. Во пет од овие случаи Дисциплинската комисија донела Решение за утврдена дисциплинска повреда и ја изрекла најтешката дисциплинска мерка – предлог за разрешување од функцијата. На пет обвинители им е изречена соодветна парична казна, а само за еден обвинител Комисијата донесе одлука дека не сторил дисциплинска повреда. Дисциплинската комисија на Јавното обвинителство е пред донесување одлука во постапката за уште еден јавен обвинител. Во еден случај, иницирана е и кривична постапка и поднесено обвинение против поранешен јавен обвинител од основно јавно обвинителство за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата. Пред Советот на јавните обвинители, пак, во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник (за настаните од 27 април)“, стои во реакцијата.

Од таму наведуваат и дека државниот обвинител Љубомир Јовески, чиј мандат истекува следниот месец, е подготвен да одговори на сите забелешки согласно законски предвидените процедури.

Би можело да ве интересира

Ниту една пријава до обвинителство за изборите – изборниот ден мина мирно

Анита Петровска Рајковиќ

Зошто се тактизира со извештајот за избор на универзален снабдувач?

Орце Костов

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

Пад на Македонија во извештајот на Фридом хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата со корупција

Татко ги терал децата да питачат, а парите ги трошел во казино – доби пријава

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

Орце Костов