Околу 3.000 лица кои ќе добиваат 7.596 денари месечно за што се обезбедени средства во Буџетот, се опфатени со предлог-законот за стечајци што го усвои Владата на синоќешната седница.
Како што соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика, предлог – законот предвидува да се опфатат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, заклучно со 31 декември 2016 година.
– Невработено лице може да се стекне со правото доколку ги исполнува било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци, ако му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, доколку на денот на влегувањето во сила на овој закон е на возраст од најмалку 52 години (жена) или 55 години (маж), ако работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година и доколку остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина, информира Министерството.
Според МТСП, дел од одредбите од постојниот Закон, со кои се уредува ова прашање, ја завршија својата функција и немаат правна сила.
– Со усвојување на новиот предлог – закон и негово доставување до Собранието, Владата на Република Македонија излезе во пресрет на долгогодишните барања на оваа категорија граѓани. Со ова законско решение се дава можност за материјално обезбедување на поголем број стечајни работници, наведува Министерството.