Министерството за труд и социјална политика попладнево соопшти дека досега до нив не е доставена иницијативата на Народниот правобранител за измени на Законот за заштита на децата, но оти ќе биде внимателно разгледана кога ќе биде доставена.
– Во таа насока, сакаме да ја известиме јавноста дека на почетокот на идната недела министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе оствари средба со народниот правобранител Иџет Мемети на која што ќе се разговара на повеќе теми и прашања и веројатно ќе стане збор и за оваа Иницијатива за која откако ќе биде разгледана Министерството за труд и социјална политика ќе се произнесе и ќе заземе став, се наведува во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека се отворени за сите иницијативи од институции, поединци и здруженија на граѓани и оти секоја иницијатива што е од интерес за граѓаните ќе се разгледува.