Министерството за транспорт и врски денеска преку соопштение реагира на прес-конференцијата на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски на која таа го обвини ова Министерство дека е одговорно за недоделувањето на социјалните станови, во кое се вели дека говори невистина и повторно не дала одговор зошто не им дава на, како што се посочува, нејзините членови на Комисијата да ги потпишат записниците за да може да се распределат становите.
– Техничката министерка Ременски собра храброст и излезе јавно да говори за распределбата на становите, но по кој знае кој пат избегна да одговори зошто не дозволува нејзините членови од Комисијата да ги потпишат записниците за да може да се распределат становите. Техничката министерка Ременски говори невистини и зборува за некаква партиска распределба на социјални станови. Таа е истата Ременски која 119 семејства држи во заложништво веќе неколку месеци уценувајќи ја Комисијата стан да добие лице од Прилеп кое е во роднински односи со висок функционер на СДСМ, се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.
Во неа се додава дека министерката Ташевска Ременски, сакајќи да привлече медиумско влијание, излегува на прес конференција, зборува за партиска распредба, а, како што се посочува, лично таа бара стан да добие лице што е во блиски релации со функционер од СДСМ и лице што не ги исполнува критериумите.
– Министерството за транспорт и врски нема да дозволи становите да се делат по партиска линија и по лично барање на техничката министерка Ременски. Социјалните станови се изградени за згрижување на најранливите категории на граѓани и само тие што ги исполнуваат условите согласно критериумите што се пропишани во Правилникот, ќе можат да се вселат во нив, се вели во писмената реакција од Министерството.
Оттаму посочуваат дека нема да дозволи министерката Ташевска-Ременски да ја партизира и распределбата на социјалните станови посебно не за лица кои се од социјален ризик.
– Постапката за распределба е направена согласно законските прописи на транспарентен начин. Сите лица што ги исполнија условите согласно критериумите за распределба се најдоа на прелиминарната листа. Комисијата лично ги посети сите тие лица и онаму каде фактичката состојба на терен не одговараше со поднесените документи, тие лица се исфрлија од листата, се вели во реакцијата.
Од Министерството за транспорт и врски апелираат до членовите на Комисијата, како што се вели во реакцијата, да не подлегнуваат на партиските притисоци и да ги потпишат записниците за да може сите тие лица конечно да се вселат во становите.