Министерот за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски го посети семејството на Магбуле Амет чијшто дом беше опожарен при експлозија на плинска боца на 5 јануари во село Драчево. Семејниот дом во кој живееја три семејства е изгорен до темел.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, синот Медрез Амет ја информираше министерката Ташевска-Ременски дека повредените се се уште во болница, а две жени (неговата мајка и снаа) се во критична состојба. Другиот син Идриз Амет чијшто дом не е до темел изгорен, но не е во состојба да се живее во него е сместен кај неговиот брат којшто живее во Лисиче.
– Министерката Ташевска-Ременски посакувајќи им брзо закрепнување на сите настрадани во пожарот и покрај упатените зборови на поддршка на семејството им вети и помош при што ги информираше дека ќе им додели еднократна парична помош во висина од две просечни плати, стои во соопштението.
На претставниците на Министерството за труд и социјална политика при посетата им се придружи екипа на Црвениот крст на Град Скопје која на семејството му донираше пакети со храна, облека, ќебиња и хигиенски средства.