Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава до Обвинителството против 17-годишниот малолетник од село Стрезовце, општина Старо Нагоричане. Го сомничи дека сторил кривично дело мачење животни, за што е пропишана казна до една година затвор.
-Пријавениот, на 29.02.2020 околу 21.00 часот на игралиште кај основното училиште “Христијан Тодоровски Карпош“ во с.Младо Нагоричане удрил куче, пишува во пријавата на МВР до Обвинтелството.
За случајот се дозна откако лицата кои се снимале, видеото го објавија на социјалните мрежи. Следуваше бура од реакции од јавноста за постапката на малолетникот, по што снимката беше избришана заедно со нивните кориснички профили.
Од снимката се гледа како момчето кое снима вели: „Еве ги пријаелот каде се чеша“ на кумановски дијалект, а потоа, другото лице со залет со ногата го удира силно кучето во пределот на стомакот. Кучето со болка и плач избега. На крајот од видеото повторно се слуша како лицето вика: „Го ритна несакајќи“.