Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој престојува во работна посета на Словачката Република, денеска со словачкиот министер за труд, социјални прашања и семејство Јан Рихтер потпишаa Договор за социјално осигурување меѓу двете земји.
Со склучувањето на договорот, соопшти Министерството за труд и социјална политика, ќе се регулираат односите во областа на социјалното осигурување меѓу Република Македонија и Словачка Република и остварувањето на правата од осигурување за граѓаните на овие две држави и членовите на нивните семејства. Ова, стои во соопштението, е современ европски договор и со оглед на тоа што истиот се однесува на лица, а не на државјани на двете договорни страни и спаѓа во редот на таканаречените “отворени договори”. Содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, осигурување во случај на невработеност, детски додаток и осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест.
Преку примената на договорот ќе се овозможи усогласување на националните законодавства, еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, болест и мајчинство, собирање на периодите на осигурување, одредби за давања во натура кои произлегуваат од здравственото осигурување и заштита, парични давања и др.
Договорот за социјално осигурување ќе се применува за сите лица кои во Република Македонија или Словачка Република навршиле периоди на осигурување за остварување на право на самостојна старосна пензија кога лицето ги исполнува условите за право на давање-пензија според законодавството на едната држава договорничка. Исто така, овој Договор има и супсидијарна примена, бидејќи се уредува и право на сразмерно давање-пензија со собирање на периодите на осигурување и периодите на живеење во Словачка Република во текот на работниот век, кога подносителот на барање не исполнува услови за самостојно давање според прописите на едната договорна страна.
Со текстот на Договорот се уредени одредби со кои се обезбедуваат работодавачите и работниците кои подлежат на законодавството на Република Македонија или Словачка Република да не се должни да плаќаат двојно осигурување според законодавството на двете држави по однос на истата работа што ја врши работникот. Исто така, се уредени правилата на осигурување на определени исклучоци, како што се испраќање на работници за вршење на работи од една во друга држава договорничка, продoлжување на деташманoт, работа на авион или друг меѓународен транспорт.
Република Македонија досега како самостојна држава има склучено договори за социјално осигурување со 20 држави: Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Холандија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Австралија, Канада, Република Италија и Унгарија. Словачка Република е 21-та држава со која е склучен договор за социјално осигурување, се вели во соопштението.