Работните групи за продолжување на разговорите за уставните измени се вистинскиот формат во кој треба да продолжи договарање на сите детали меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи секој предлог има свои специфики што треба да се имплементираат и таа имплементација секако дека влијае на европската интеграција на државата, изјави денеска во Скопје премиерот Димитар Ковачевски по презентација на најголемиот регионален саем за вино Wine Vision by Open Balkan.
Ковачевски посочи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по нивната средба во средата се „обврза да учествува во процесот на носење на потребните одлуки за европска интеграција на државата“.
– Тој негов јавно искажан став и преземена обврска јас ја споделив не само со Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, туку и со нашите меѓународни партнери коишто исто така ја следеа таа прес-конференција на која што сите барања што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ беа практично прифатени од сите политички субјекти во државата. Гледам вчера и Алијансата му дава дополнителен ветар во грб на ВМРО-ДПМНЕ. Не би сакал да ги коментирам јавните изјави во тој дел, бидејќи сметам дека ако се дадени на митинзи или на такви настани сепак се со некоја друга намена, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање да го коментира ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека „нема потреба од работни групи“, доколку СДСМ не се согласи дека имплементацијата на уставните измени би почнала со членството на земјава во ЕУ.
Премиерот потенцира дека е лошо доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од преземената обврска и од посветеноста на завршување на процесот на уставни измени, како што било договорено на нивната средба.
– Сметам дека доколку тој решил да се повлече од се она што го кажа на прес-конференцијата, а тоа е дека прифаќа уставни измени, прифаќа впишување во Преамбулата на Уставот на државата на делови од други народи, вклучително и на делови од бугарскиот народ, дека прифаќа да биде дел од Владата заедно со СДСМ и другите коалициони партнери, тогаш треба да го каже тоа на официјална средба, рече Ковачевски.
Тој потсети дека и ДУИ прифати да не биде дел од владата во која би влегла ВМРО-ДПМНЕ, така што смета дека сите детали треба да продолжат да се договараат на ниво на работни групи доколку, како што рече, „она што беше кажано е кажано искрено“.
– Во спротивно треба да се види дали тоа што е кажано тогаш, било кажано со искрена намера, додаде Ковачевски.
Запрашан дали има шанса за уште една лидерска средба, Ковачевски само кусо одговори: „Ќе видиме“.
– Сметам дека треба да размислат уште малку затоа што, јас верувам, им дојде шок на ВМРО-ДПМНЕ. Знаете, после една година кога правите протести, кога велите дека сте браникот, кога велите дека никогаш нема да прифатите уставни промени и одеднаш на прес-конференција вашиот претседател ќе каже „да уставни измени се прифатливи“, изјави Ковачевски додавајќи оти смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да остане во процесот и да даде одговор дали останува посветена на преземените обврски.
Во однос на тоа дали по евентуалното формирање на „проширена влада“, пред следните парламентарни избори би се одело на создавање „техничка влада“, Ковачевски со оценка дека ако ВМРО-ДПМНЕ влезе во Владата тогаш и за неа би било подобро да не се прави техничка влада.
– Она што го кажавме и што треба да се реализира е дека ќе направиме заедно гласање за отворање на Уставот, а потоа ќе се формира влада во која што СДСМ ќе отстапи 50 проценти од своите места на ВМРО-ДПМНЕ. Таа влада ќе го заврши процесот на уставни измени, ќе го заврши процесот на скрининг, ќе ја направи втората меѓувладина конференција, ќе ги отвори поглавјата и мислам дека можеме да затвориме и едно и две поглавја од првиот кластер – фундаментот и потоа да одиме на избори. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да е опозиција и тоа е подобро за нив, отколку да се прави техничка влада. Меѓутоа согласно законот доколку треба техничка влада, тогаш ќе си прави техничка влада, така како што е согласно закон. Ние мора да ги почитуваме законите, потенцира Ковачевски.
Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени, која ќе ја предводи партискиот генерален секретар, Миле Зечевиќ Вардарски.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска порачаа дека формирањето на ваква работна група има смисла, само ако СДСМ каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за нив – преодна влада без ДУИ и уставни измени кои би стапиле во сила на денот на членството на земјата во ЕУ или предвремени избори оваа есен.
– Во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време, изјави денеска на прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.