СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори истрага за начинот на кој биле потрошени околу 5,5 милиони евра за прославата на независноста, организирана со учество на Државната лотарија.
На денешната прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека од граѓаните се кријат документи, одлуки, анекси, фактури и податоци за исплатите.
„Мора веднаш да отвори истрага и да ја обезбеди целокупната документација, да ги даде на увид пред граѓаните. Граѓаните ја платија сметката на Мицкоски, сега треба да знаат до денар каде завршија нивните пари“, рече Кузеска.
Од СДСМ поставуваат прашања и за начинот на кој Владата ѝ наложила на Државната лотарија да ја организира и финансира прославата, како и кој орган одобрил трошење од над 300 милиони денари.
Кузеска посочи и дека јавниот повик траел само пет работни дена и дека пристигнала само една понуда. Според неа, повикот завршил на 8 мај, а само три дена подоцна власта веќе го најавила настапот на Дејвид Гета.
„Обвинителството мора да утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога бил договорен и исплатен. Мора да се утврди кои домашни и странски фирми добиле пари, колку заработиле „Стардаст“, односно Авалон, и како се вршеле исплатите додека компанијата имала блокирана сметка“, рече Кузеска.
СДСМ бара да се провери и каде завршиле околу 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за нив бил платен данок.
„Премногу матни работи, премногу сокриени информации, а потрошени 5,5 милиони евра за кои Мицкоски излажа дека се ‘нула денари’“, изјави Кузеска.
Од опозициската партија повикуваат да постапат Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија и да се утврди каде завршил секој денар.
Кузеска порача дека, според СДСМ, за потрошените средства мора да има одговорност.
