СДСМ обвинува дека дефицитот во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) е зголемен на околу една милијарда евра и бара од Владата да објасни како ќе се обезбедат средства за негово покривање.
Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на прес-конференција оцени дека состојбата со ПИОМ е „алармантна“ и тврди дека неговата зависност од државниот буџет се зголемува.
„Дупката во Фондот Мицкоски ја зголеми на една милијарда евра. Тоа се над 14 отсто од целиот буџет. Во ризик е исплатата на пензиите“, рече Тренчевска.
Од СДСМ посочуваат и дека од 1 јули годинава придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процент, откако средствата што претходно оделе во Агенцијата за вработување биле пренасочени кон пензискиот фонд. Според партијата, и покрај ова, дефицитот продолжува да расте.
Тренчевска ја критикуваше и Владата поради најавите поврзани со вториот пензиски столб, тврдејќи дека граѓаните се изложени на ризик нивните средства да бидат доведени во прашање.
„Најавите за вториот пензиски столб се движат од национализација до реконструкција“, рече таа.
СДСМ побара од Владата јавно да одговори како планира да го покрие дефицитот од една милијарда евра, од каде ќе се обезбедат средствата, кои мерки ќе го намалат дефицитот и во кој рок.
Тренчевска обвини и дека Владата во изминатите две години ја задолжила државата со околу четири милијарди евра, а средствата, според неа, се трошат и за „луксузи, нов авион и партиски настани“.
„Пензиите не се милостина од Мицкоски. Пензиите се право. Пензискиот фонд е обврска на државата“, порача Тренчевска.
