Социјално ранливите категории приматели на помош преку Министерството за труд и социјална политика ќе можат да добијат бесплатни компјутери, како донирана користена информатичка опрема од државни и приватни компании и граѓани. Првите компјутери, што претходно ќе бидат репарирани и ставена во функција, се очекува да бидат поделени на почетокот на новата учебна година.
Со компјутерите не е обезбеден бесплатен интернет, но Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) апелира интернет провајдерите доколку се во можност да се вклучат во акцијата.
Проектот „Компјутери за социјално ранливите категории“ денеска го презентираа министерот за информатичко општество и администрација МИОА Иво Ивановски и Саша Огненовски, претседател на Информатичко комуникациската комора при Сојузот на стопански комори.
Според Ивановски, сите приватни компании и државни институции кои имаат ИКТ опрема што сакаат да ја донираат треба да се пријават на веб страницата donacii.mioa.gov.mk којашто од 1 јули ќе има посебен формулар. До тогаш ќе можат преку електронска пошта на [email protected] да ја достават листата на опрема којашто ја поседуваат.
– Откако ќе се достави листата во соработка со приватниот сектор, компанија со возило ќе ја преземе опремата од нивниот магацин. Опремата ќе биде репарирана, исчистена, оние делови што може ќе се искористат, ќе се инсталира оперативен систем од отворен код. Сите граѓани кои се заинтересирани за оваа опрема ќе може да се пријават на веб страницата, доколку немаат интернет треба да ги искорист интернет клубовите на МИОА низ градовите во државава или пак да се обратат до институците на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и да пополнат формулари, информира министерот Ивановски.
За сите активности поврзани со добивање и распределба на опремата ќе биде задолжена Комисијата со претставници од приватниот сектор, МИОА и МТСП. По добивање и ставање во функција на опремата, тоа ќе биде објавено на веб страницатаdonacii.mioa.gov.mk. За опремата што ќе ја донираат граѓани поединци, ќе има посебни пунктови каде ќе може да се доставува.
– Мислам дека со овој проект голем број граѓани ќе имаат можност првпат да добијат компјутер, а со тоа и да се поврзат на интернет и да бидат дел од половина од светот, којшто моментно е корисник на интернет услуги, рече Ивановски, кој ги повика интернет провајдерите да вклучат во акцијата и на граѓаните кои ќе добијат компјутери да им обезбедат бесплатен интернет.
Идејата произлегла од членки на ИКТ комората, кои при работењето согледувале ситуации дека многу јавни или приватни субјекти заменувале информатичка опрема која е во исправна состојба, но поради одредени околности мора да се замени со друга. На тој начин, според Огненовски, по магацините се натрупува опрема која за правните субјекти е нефункционална, а во дадени околности може се уште да се користи.
– Сакам да потенцирам дека ние нема да го собереме сега отпадот од компаниите, туку напротив ќе ги употребиме само оние компјутери кои може да се искористат и за кои стручните лица од нашите компании ќе проценат дека се во употреблива состојба. Со соодветна репарација компаниите членки на ИКТ ќе влезат во еден инвестициски циклус, со кој одредени амортизрани делови ќе ги заменат и ќе ги доведат во исправна состојба, рече Огненовски.
Во осврт на развојот на телекомуникациите во светот и во Македонија, министерот Ивановски информира дека на светско ниво до крајот на годинава се очекува да има 3 милијарди интернет корисници, од кои две третини од земјите во развој. Во светот има уште 4 милијарди жители кои не се на интернет, а 90 проценти се од земјите во развој.
– Последниот извештај на Агенцијата за електронски комуникации на РМ за 2013 година покажува дека вкупниот број на претплатници на пристап до широкопојасен интернет со којшто не се опфатени мобилните корисници е 338.486 граѓани, или за 8,39 повеќе во однос на истиот квартал од 2012 година. Вкупниот број на претптлатници а интернет со широк и тесен опсег на интернет преку мобилната мрежа е 801.669, или 4,59 проценти повеќе во однос на 2012, рече Ивановски.