Општината Ѓорче Петров има најголем долг наследен од претходниот градоначалник, а Кисела Вода е на второто место, споредено со останатите пет најголеми скопски општини. Аеродром е единствена општина која се пофали дека новиот градоначалник Тимчо Муцунски затекнал полна општинска каса. Градоначалникот Стевчо Јакимовски, одбива да каже колку должи Општина Карпош, а од Бутел не одговорија на прашањата од „А1он“. Дека никаде не должат, посочија од Општина Гази Баба. Заедничко за сите нови градоначалници е што ќе бараат или веќе чекаат резултати од спроведена ревизија, за едни да утврдат како е настанат долгот, а други да проверат дали имало злоупотреби на општинскиот буџет.
Дел од ексградоначалниците негираат дека оставиле долг и посочуваат дека долгот го намалиле додека биле на функциите, со оглед дека истиот бил поголем кога ги презеле функциите пред четири години.
Над 4 милиони евра за фактури и кредити ќе треба да врати Општина Ѓорче Петров. Споредено со податоците доставени од другите скопски општини, ова е најзадолжената. Над 177 илјади евра од долгот се за фактури по договори за набавка, а останатиот дел е за кредити кои се исплаќаат или нивната исплата треба да започне од идната година.
„При тоа, мора да се истакне дека оваа состојба е променлива и овој долг очекуваме да порасне, со оглед на тоа што секојдневно пристигнуваат нови фактури за преземени обврски во изминатиот период, пред извршениот избор на новиот градоначалник. Достасаните, а ненаплатени обврски во најголем процент се однесуваат на извршени работи. Со оглед на тоа што одделението за внатрешна ревизија на Општина Ѓорче Петров не е екипирано односно од 2019 година во ова одделение нема вработено внатрешни ревизори, испратено е барање до Државниот завод за ревизија за вршење на ревизија на целокупното работење на општината“, велат од Општина Ѓорче Петров за „А1он“ додавајќи дека се отплаќаат четири кредити.
Претходниот градоначалник на општината, Александар Наумоски, не одговори на повиците од „А1он“ за тоа, каква била состојбата со сметката пред четири години, како и, за што се трошени парите кои сега се должат.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода за состојбата во општинската каса вели дека е алармантна. Тој посочува дека на располагање има само околу 325 илјади евра. Долгот, кој според Георгиевски го има општината, е 3 милиони евра.
„Колку е сериозна ситуацијата, говори фактот што наспроти оваа мала сума што ја имаме, имаме огромни долгови. Имено, претходниот градоначалник, Филип Темелковски, оставил долгови во износ од околу 3 милиони евра. Од нив, само на Светска Банка и должиме околу еден милион и 700 илјади евра, а доспеани и недоспеани обврски кон други правни субјекти се околу еден милион и 300 илјади евра. Ќе треба сериозна работа за да се изнајде излез од оваа катастрофална економска состојба во која се наоѓа општинскиот буџет. Ги уверувам граѓаните дека ќе најдеме решение и од сега, тие ќе гледаат поинаква слика од менаџирањето со нивните пари. Ќе се работи законски и транспарентно. Во насока на претходно кажаното, на овие прашања одговор ќе даде ревизорската куќа, па тогаш ќе имаме и конкретни податоци“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Неговиот претходник, Филип Темелковски посочува дека тој не оставил долг, туку го намалил. Според него, новиот градоначалник Георгиевски, манипулира со цифрите.
„Не кажуваат колку е пред четири години долгот. Од пет да го донесеш на три милиони, не си оставил долг, туку си намалил. Се манипулира. Јас кога дојдов како градоначалник никогаш не велев дека е пет, туку три милиони долгот. Кредиите не ги рачуна никој како долгови зошто тие се долгорочно задолжување, секогаш ги сметаат долговите кои општината ги имала спрема компанијата. Долгот спрема компаниите беше 70 милиони денари, а јас начекав 177 милиони денари. Јас на сметка оставив 22 милиони денари. Три милиони е вкупниот долг со кредитот од Светската банка. Не е цел кредит искористен, има 20 милиони кои можат да се искористат или да се вратат, за долгот, според нивната логика, да падне“, вели Филип Темелковски.
Тимчо Муцунски од Аеродром, посочи дека има позитивно салдо на општинската каса. Колку пари наследил, не даде информација. Ревизија таму е спроведена, резултати до овој момент нема.
„Во текот на овој месец се очекува и официјален конечен извештај за утврдените наоди и неправилности, кој што стандардно се објавува на интернет страницата на Државниот завод за ревизија и каде што ќе може да се види“, велат од Аеродром.
Златко Марин, ексградоначалник на Аеродром, вели дека на сметка оставил повеќе пари од тоа што затекнал пред четири години кога седна на градоначалничката фотелја.
„Заклучно со 22 октомври оваа година, кога го добив последниот извод, имаше на сметка 4,2 милиони евра. Со добиен грант од ЕУ, но тие пари не беа префрлени иако се одобрени средствата. Тоа за селектирање отпад од 700 илјади евра. Пред четири години наследив исто позитивно салдо, околу 100-120 милиони денари. До 22.10 беше се подмирено, тековни трошоци за градинката која се гради, плоштадот позади ТЦ Бисер, тие како ќе стигнуваат фактурите, така треба да се исплаќаат“, вели Марин.
Дека има потреба од ревизија во општината, смета и Боби Стефковски градоначалник на Гази Баба. И оваа општина не даде точна сума на средства кои ги имаат во касата.
„Финансиската состојба на општина Гази Баба е во ликвидна состојба, општината нема долг, сите обврски за плаќање што се пристигнати датумот на валута не им е поминат. Сето погоре наведено ја наметнува потребата од спроведување на ревизија за која ќе доставиме барање до државниот завод за ревизија да ја спроведе, доколку истиот не постапи по нашето барање ќе спроведеме интерна ревизија во рамки на Општина Гази Баба“, сметаат оттаму.
Сумата која е оставена во општинската каса е три милиони евра, вели ексградоначалникот Борис Георгиевски. Тој вели, немаше ниту еден денар долг кога ја напуштил функцијата иако наследил минус од 5 милиони евра.
„Оставив преку 3 милиони евра, без ниту еден денар долг. Околу еден милион и 200 илјади треба да се влезат во касата. Ако се земат тие преку 4,5 милиони евра. Пред четири години имаше 5 милиони евра минус. Тоа е на 3 ноември 2017 година. Успеавме да го вратиме долгот во првите месец дена, да седнам со 31 доверител, на 24 рати да го исплатам долгот. По година и пол, Владата влезе со 51 процент отплата. Околу 2 и пол милиона евра врати Владата. 49 проценти врати општината, 51 проценти. За четири години успеавме да реализираме над 200 проекти, 120 се во тек“, вели Борис Георгиевски.
Стевчо Јакимовски од Карпош потврди дека општинската каса е во минус. За разлика до Ѓорче Петров и Кисела Вода кои кажаа и цифри, тој не открива. Но сепак, Богоев вели дека вратил 8 милиони од долговите на општината направени во претходниот мандат на Јакимовски.
„Колкав и да е долгот наш е, уредно ќе го сервисираме, а ревизии немам намера да правам. Кога државниот завод за ревизија ќе почувствува потреба да прави ревизија тоа е негова работа“, посочија од Општина Карпош.
Ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, посочи дека за четири години тој успеал драстично да го намали долгот, меѓу другото и со помош на Владата.
„Долгот е намален драстично. Дел е намален од мене, дел со парите од Влада кои ни помогнаа. Некаде околу доспеани 6 милиони евра е долгот во моментов. Јас кога отидов, оставив на тековна сметка околу 140 илјади евра. По сите основи како сега, доспеани и недоспеани, УЈП, кредити беше 15 милиони беше долгот. Владата помогна со четири милиони евра, а останатите, грубо, околу четири милиони, ги вративме ние како општина“, кажа Богоев.
Новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски, за состојбата на општинската каса не даде одговор. „А1он“ се обиде да го контактира во неколку наврати, но безуспешно. Одговор баравме преку телефоните во општината на кои никој не одговара, упативме и порака на неговиот мобилен, но и таа остана игнорирана. За финансиската состојба на општината, ексградоначалникот Велимир Смилевски, посочи дека има долг од околу 10 милиони денари, кои треба да се платат за два месеци. За истиот, посочи дека е по фактури за асфалтирање на улици и игралиште, односно тековни работи.
„Пред четири години наследив 15 милиони денари на жиро сметка и 46 милиони денари долг, кредит од Светска банка кој е земен за училиште. Сега кога си одев, оставив 3.360.000 денари и обврски кои очекуваме за 60 дена да се платат од околу 10 милиони, бидејќи не беше завршено, асфалтирање на улици и игралиште. И на жиро сметка кај градинките и школите оставивме 18 милиони и обврска од 4 милиони за столчиња. Значи ќе останат 13 и нешто милиони“, кажа тој.
И новиот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски објасни дека сметката на општината има пари. Таму, се врши внатрешна ревизија.
„Сметката на Општина Центар е во одлична финансиска кондиција, со позитивен биланс од над 90.000.000 денари и освен месечната рата за отплата на изградбата на основното училиште Киро Глигоров, не должи на ниеден побарувач. Општината врши внатрешна ревизија. Општина Центар нема утврдено неправилности на работењето на претходниот градоначалник“, вели Герасимовски за „А1он“.
Одговор на повиците на општинските телефони, нема ниту во Чаир и Сарај.