Дива населба во долината на Бабуна : Гето од дивоградби кое ниту може да се урне, ниту може да се легализира

Од:

„Забрането е да поминеш преку дворот, ова е приватен имот“, вели еден од жителите на дивата населба во долниот тек на реката Бабуна за „својот“ имот кој всушност е узурпирано државно земјиште, заградено со ограда преку која не им се дозволува на туристите да прошетат низ ретката шума по течението на реката се до клисурата Пешти.

Тој е само еден од стотината жители во дивата населба на Бабуна кои без дозвола присвоиле плацови во заштитена зона и веќе две децении, откако нивните монтажни кампови од неколку квадратни метри се претворија во куќи од стопати повеќе квадратни метри, играат улога на газди на државна земја.

Ниту една државна ниту локална власт во Велес во изминатите години не најде начин и волја да ја сопре градбата, а реакциите од граѓаните кои со години го користеа пределот и течението на Бабуна за рекреативен туризам, за ненавременото реагирање на институциите, беа жестоки.

И според актуелниот закон за легализација на дивоградби кој уште е на сила и со предлогот кој што е во Собрание, исклучена е секаква можност да се легализираат објекти во заштитени зони, сметаат од Министерството за транспорт и врски, но и оттаму немаат одговор зошто досега никој не го спречи процесот.

– Генерално и со двата закони, исклучена е можност да се легализира во долниот тек на Бабуна затоа што е заштитена зона иако од пониска категорија. Затоа и општината не им дава согласност за легализација на оние жители кои досега поднеле барања. Законот вели, ако немаш решение за градење, односно одобрение за градење, тоа е дивоградба и подлежи под прекршоци од Законот за градење, а општината има законски основ да ти го сруши“, велат од кабинетот на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

После две децении откако никна дивата населба, Општина Велес презема чекор кој според експертите е задоцнет, и ги преброи дивоградбите во долниот тек на реката Бабуна, од вливот во Вардар до месноста Пешти.

„Градежните инспектори заедно со комуналниот инспектор и инспекторот за домување при Општина Велес излегоа на лице место во локалитетот – месноста Бабуна и неколку дена правеа увид на фактичката состојба во однос на бројот на изградените објекти на тоа подрачје. Од увидот на лице место е констатирано дека во месноста Бабуна се изградени 108 објекти и поставени се 16 приколки“, истакнаа неодамна од општина Велес.

Тоа беше првпат градежни инспектори да излезат на терен и да извршат регистрација на дивоградбите во подрачје заштитено со закон бидејќи во оваа област се наоѓа и локалитетот Пешти со бројни пештери и други природни реткости.

Сепак, тоа не ги спречи узурпаторите за две децении да изградат мал град. Рецептот е истиот: прво се оградува со жичана ограда парче земја од околу 200 до 300 метри квадратни, се поставува шатор или камп, се гради дрвен објект кој личи на бунгалов, а потоа за неколку месеци тој се претвора во огромна куќа од цигли.

– Долниот тек на Бабуна е рак рана на општеството каде што е направена непоправлива штета. Луѓето се чувствуваат како дома, изградени се куќи на два ката, забрането им е на туристите да влегуваат, буквално одомаќинети си се жителите и не знам како ќе се реши проблемот. Се што направи општината во изминатите години е што ги изброи дивоградбите во Бабуна и според податокот кој го добив преку информации од јавен карактер се работи за 108 дивоградби.

Бабуна беше прогласена за карактеристичен пејсаж и тоа и даваше одреден степен на заштита. Згора на тоа по закон во радиус од 50 метри од водно пространство не смее ништо да се гради, но тоа е гето кое закон не го фаќа, а ако поминеш оттаму, ти велат „ми влегуваш во имотот“.

Се работи за цела населба со куќи од неколку ката. Добро е што во тој дел се уште не се почнати постапки за легализација, на седница на
Советот нема дојдено на дневен ред легализација на дивоградба од Бабуна.

Ако граѓаните немаат поднесено документи, тогаш има каква таква надеж да го решиме проблемот, а во спротивно би биле легализирани по Законот за легализација донесен во 2021 година кој и да дојде тешко дека тоа ќе може да го поправи, штетата е направена за век и векови – вели за „А1он“, екоактивистот Игор Смилев, сега и советник во општина Велес.

За него е симптоматично како сите изградени куќи на брегот на Бабуна се снабдени со електрична енергија кога ЕВН дава одобрение за приклучок само врз основа на одобрение за градба или имотен лист.

Од универзалниот снабдувач ЕВН за „А1он“ велат дека приклучоци имало на одредени куќи и викендици, но тие биле издадени во времето на државното Електростопанство (ЕСМ) според тогашната регулатива, а не од ЕВН.

„Приклучоците во регионот Бабуна се приклучоци кои се издадени во времето на Електростопанство според тогашната регулатива, што значи дека не се направени од страна на ЕВН. За да се реализира приклучок од ЕВН – Електродистрибуција, задолжително е корисниците да достават барање за нов приклучок со комплетна документација, како: доказ за сопственост, одобрение за градба или решение за легализација на објектите“, потврдија од ЕВН.

Неофицијално, ЕСМ им приклучила електрична енергија на двајца локални моќници, а тие оттаму спроведуваат струја на останатите жители.
И во двете верзии, општина Велес како институција знаела што се случува, но не одговори на прашањето дали можел да се спречи овој процес со што би се одвратиле од намерата идните узурпатори на земјиште за градба.

„А1он“ побара став од општина Велес во однос на дивоградбите и постави уште неколку прашања: колку поднесени барања за легализација има од оние 108 дивоградби врз основа на новиот Закон од 2021 година, колку барања се одобрени или одбиени од Советот на општината и дали постои начин да се заштити пределот со повисока заштита за да се спречат идни дивоградби, но, одговор од општината не стигна ниту после десет дена.

Иако немаат вода и канализација, овие дивоградби добија асфалтен пат во должина од 2,6 километри вреден 250.000 евра кој го изгради Владата со поддршка преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.

Бившиот градоначалник Аце Коцевски сметаше дека патот ќе ги мотивира рекреативците кои пешачат и возат велосипед кон Бабуна, но според граѓаните, состојбата само се радикализираше и и на „сопствениците“ им го олесни носењето на градежен материјал, односно им овозможи на узурпаторите да имаат свој асфалтен пат до нелегалните градби.

Токму на предлог на бившиот градоначалник Аце Коцевски, во неговиот прв мандат во 2001 година овој предел и клисурата Пешти беа прогласени за карактеристичен пејсаж од општина Велес. Но, законите се изменија а оваа категорија повеќе не постои.

За да биде овој предел повторно прогласен за карактеристичен пејсаж треба да се направи нова проценка во Министерството за животна средина и просторно планирање и доколку се работи за површина помала од 100 хектари, тогаш може само со елаборат да се прогласи за природна реткост.

Ако површината е поголема, тогаш според Законот за природа мора да се изврши ревалоризација на природните убавини и потоа да влезат во една од категориите што постојат во Законот за природа.

Ваквко нешто и најави Јани Макрадули, заменик министер во Министерството за животна средна пред три години. Сепак, досега ништо не е преземено во таа насока, а од Министерството не се потрудија да одговорат на прашањето на „А1он“ дали е донесена нова одлука за прогласување на карактеристичен пејсаж за пределот низ течението на Бабуна според нова ревалоризација на природните убавини.

Експертите, граѓаните, активистите, институциите, како и урбанистите од општина Велес се сигурни во две работи: нема легализирање и нема рушење на тие објекти во блиска иднина.

Дотогаш, наместо рекреативците од Велес и околината, само узурпаторите на државното земјиште од своите куќи ќе уживаат во погледот кон природните и културни убавини на Бабуна, меѓу кои се стотина мали пештери во клисурата Пешти, историските остатоци од ранохристијанска црква, прелетите над карпите на заштитениот белоглав орел и платиновите стебла крај водата кои се заштитени со закон.

Со овој текст, A1он.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Поднесено обвинение за Нефи Усеини за дивоградба во центарот на Охрид

ДУИ: ВМРО го принуди Влен да го поддржи Законот за бранители

Зеленски потпиша закон за забрана на Украинската православна црква поврзана со Москва

A1on

Автомобил паднал во Лакавичка река – тешко повреден возачот и негов сопатник

Пожарникари извлекоа паднат човек во реката Драгор

A1on

„Се продава културно заградено место до река“: Жител во дивата населба на Бабуна продава плац кој не може да се легализира

A1on