Во врска со написот објавен во медиумите со наслов “НОВ СКАНДАЛ: Ременски продолжува со кршење на законите”, а заради прецизно информирање на јавноста Министерството за труд и социјална политика информира дека:
Општина Врапчиште се обратила до Владата на Република Македонија на 20.10.2015 година со Информација за изнаоѓање начин за основање на детска градинка во општината, во соработка со УНДП, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.
На 26.10.2015 година Владата на Република Македонија го задолжува министерството да подготви Информација за прогресот за изнаоѓање начин за основање на детска градинка во општина Врапчиште.
На почетокот на ноември Министерството воспоставило контакт со претставници на општината и организирала состанок во просториите на министерството на кој усмено е дадено позитивно мислење, насоки и поддршка за основање на Јавна општинска установа за деца – детска градинка во с. Врапчиште, општина Врапчиште и да постапат согласно со одредбите од Законот за заштита на деца („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/13,12/14, 44/14,144/14, 10/15, 25/15, 150/15 и 192/15) и Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/14, 40/14,136/14 и 71/15), во врска со обезбедувањето на соодветни услови и опрема, потребен број на деца, стручни и други работници, програма за вршење на дејноста како и финансиски средства, за основање и почнување со работа на Јавната установа за деца во с. Врапчиште, општина Врапчиште.
На истиот состанок, на општината (основачот) укажано е дека е потребно да достават Барање за почнување на постапка за основање на Јавната установа за деца. Општината нема доставено Барање за основање на Јавна општинска установа за деца – детска градинка,. По барање на претставниците на општината на 11 ноември 2015 година вработени во министерството реализирале средба со претставниците на општината во село Врапчиште. Извршен е непосреден увид на објектот наменет за детската градинка, за да се проценат условите за да може установата за деца да се основа и да почне со работа. Основачот на градинката ќе постапи по укажувањата.
Министерот ја одложи посетата на Општина Врапчиште до завршување на започнатите активности во постапката за добивање на решение за вршење на дејност на детската градинка во Врапчиште, поздравувајќи ја иницијативата на Општината за решавање на проблемот со вклучување на децата од с. Врапчиште и околните села во предучилишните установи. Министерот ги охрабрува сите општини коишто имаат интерес, потреба и услови за основање на детски градинки и објекти за згрижување на деца, да започнат постапки согласно со Законот за заштита на деца и Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца кои им се достапни на веб страницата на министерството. Тоа е голема придобивка за општините, за родителите и за самите деца.