И по четири часа откако биле избркани од вакциналниот пункт во Охрид, никој не им се извинил на волонтерите за скандалот кој се случил утрово. Од Црвениот крст-Охрид за „А1он“ велат дека нема да ги пуштат волонтерите на терен, пред се поради нивна безбедност. Оттаму сметаат дека волонтерите би биле во опасност ако се вратат повторно во вакциналниот пункт. Според нивното кажување, волонтерите биле избркани од Сашо Денесоски со викање.
„Нашите волонтери беа закажани за во 8 часот, кога пунктот за вакцинација се отвора. Нашите волонтери беа таму. Не само што се над 18 години туку се проверени, кои имаат и искуство со таа работа. Тие беа избркани од лицето, кое почнало да вика: ‘Што барате вие, што ќе правите вие, бегајте таму, одете си, што имате вие да барате’. Тоа си е својствено на тој што е. Ние ги вративме волонтерите и нормално дека не сакам да ги изложувам на никаква опасност. Ако ги вратам таму, ќе се во опасност. Не можам да ги пуштам волонтерите, бидејќи пред се, се грижиме за нивната безбедност. Не само во овој сегмент, туку во секој дел. Доколку тие или Црвен крст таму не е пожелен, ние ќе се вратиме. Не патиме од никакви комплекси и суети. Не сме добиле никаков надомест, ниту сме добиле, ниту бараме да добиеме, од никого“, велат од Црвен крст-Охрид за „А1он“.
Нивни волонтери, како што кажуваат од Црвениот крст во Охрид, помагале во вакцинацијата од самото отворање на пунктот во Здравствениот дом, кој потоа, целосно се преселил во спортската сала „Билјанини извори“.
„Ние сме вклучени во вакцинацијата во Охрид, на вакциналниот пункт на Здравствен дом, во Општата болница, уште пред месец дена. Од првиот ден нашите волонтери помагаат таму. Тој пункт сега се затвори, со отворање на овој пункт. Нашите волонтери во координација со директорката на Здравствен дом, се упатија да помагаат и таму. Ние ги пречекуваме сите лица кои што треба да се вакцинираат, особено повозрасните лица, ги сместуваме соодветно на протоколите, мериме температура, ја пополнуваме соодветната изјава за вакцинација и ги упатуваме за апликација на вакцината. Тоа го прават секаде во светот. Црвен крст е вклучен во целиот свет, во сите организации во Македонија“, додаваат оттаму.
Без да се увиди направената грешка, Црвен крст нема да прати волонтери во вакциналниот пункт, а се со цел да ги заштити лицата кои требаше да помагаат на лицата кои треба да се вакцинираат.
„Во вакви околности, каде нема безбедни услови за нашите волонтери, од страна на лице кое се само нарекува координатор, ние не можеме да ги пуштиме волонтерите, особено, додека тоа лице не се извини и отстрани од таму. Никој не се извини, иако не го ни очекуваме тоа. Со најискрени намери ги пуштаме волонтерите. За да се извини некој, треба да си ја увиди грешката, да има доблест тоа да го направи“, велат од Црвениот крст-Охрид.
Претходно, Денесоски, негираше дека ги избркал волонтерите. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека Денесоски не е координатор поставен од Министерството за здравство, туку лицето Сања Саздовска. Сашо Денесоски, пак, вели дека тој е ангажиран од Министерство за здравство и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски.
Пред повеќе од година, против Денесоски беше поднесена и пријава од вработени во Општина Охрид. Тогаш, тие тврдеа дека тој им се заканувал, ги навредувал, загрозувајќи ја нивната безбедност. По неколку месеци од овој настан, полицијата го приведе Денесоски, поради како што кажаа, омаловажување на полицајци, за кои потоа тој тврдеше дека го нападнале.