Сопственик на портал пријавен дека со навреди и закани кон вработени во Општина Охрид барал увид во документи

Од:

Вработени во Општина Охрид поднеле пријава против сопственикот на порталот „Охрид скај“, Сашо Денесоски, поради, како што навеле, закани, навреди и присилба што ги извршил кон нив. Денесоски, пак, тврди дека пријавата е конструкција од командир и началник во охридската полиција. Пријавата е процесирана, а против Денесоски ќе биде поведена прекршочна постапка.

„Во Полициската станица Охрид пријавен е нарушен јавен ред и мир со агресивно однесување и упатени закани од С. Д. (52) од Охрид кон повеќе службени лица вработени во Општина Охрид. Тој од нив побарал да му бидат дадени на увид службени документи и кога бил препратен во одделението за информации од јавен карактер, со викање, навреди и закани се обидел да изврши присилба загрозувајќи ја нивната безбедност. Пријавениот е повикан во полициска станица и против него, според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, поднесени се барања за поведување прекршочна постапка“, информираат од МВР.

Денесоски, пак, тврди дека тој како и секој граѓанин сакал да добие документ од Општината, кој бил јавно достапен. Негира дека упатил закани кон вработените, кои, според него, прикриваат дека Охрид незаконски доделувал општински награди.

„Нема никакви закани. Сè е тоа конструкција од новоназначениот командир на ПС Охрид и началникот на СВР Охрид, Сашо Смилески. А се работи за следново: Работата на Советот на локалната самоуправа е јавна. Секој граѓанин има право да присуствува и да побара документ. Ние како новинска агенција побаравме да ни дадат записник од одлуки. Комисијата не се состанала и преку ‘Вибер’ решавале за доделување награди, што е противзаконски. Заднината е многу одамна, од времето на Никола Груевски кога беше извршен обид за мое убиство пред мојот дом“, вели Денесоски.

Началникот Смилески за „А1он“ вели дека настанот е пријавен од трети лица, а СВР Охрид постапила во согласност со законските норми, како што прави и за секое друго лице.

„Има службени белешки од лицата што се оштетени. Сето тоа ќе биде поднесено до судот. Има и сведоци на настанот. Повеќе не би коментирал. Како и против секој друг граѓанин, така и против лицето што го споменувате беше постапено во согласност со законот“, вели началникот Смилески.

Против Денесоски до СВР Охрид се поднесени повеќе пријави по кои полицијата постапува. Денесоски на пријавата дека се заканувал возвратил со кривична пријава против двајца вработени во Општина Охрид и пет советници од редовите на СДСМ и ВМРО-Народна партија.

Би можело да ве интересира

Владата го поддржува рушењето на дивоградбите на охридското крајбрежје

Жарко Настоски

Жената која беше пронајдена во Охрид имала прострелна рана, се вештачи оружјето и се испитуваат ДНК-трагите

Кристијан Ландов

Се урива од Метропол до Пештани, дивоградбите повторно на мета

Кристијан Ландов

Црвен крст-Охрид го демантира Денесоски: Ниту сме барале, ниту сме наплатиле пари од Охрид за волонтерска служба

Ландов

Сите тврдат дека не го ангажирале, а Денесоски убедува дека е координатор за изградба на вакциналниот пункт во Охрид

Денесоски му враќа на Црвен крст-Охрид: Никому не му е загрозена безбедноста, најмалку од мене

Ландов