Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска упати честитка по повод Денот на социјалните работници.
– Социјалните работници имаат целосна поддршка од Министерството за труд и социјална политика и од мене како министер и во оваа прилика би сакала да потенцирам дека социјалниот работник е базата на социјалната заштита. Од моменталната позиција како министерка за труд и социјална политика се обврзувам дека ќе креираме социјален работник што ќе интервенира на терен, а не само да ги детектира социјалните случаи, наведува Царовска во честитката.
Ветува воведување семеен социјален работник, кој, како што посочува, нема само да ги препраќа социјалните случаи туку ќе има и право самиот да интервенира во системот семејство. – Ќе работиме на плурализација на системот на социјална заштита, односно да можат и другите социјални партнери да се стават во функција да даваат социјални услуги, како што се бизнис секторот, но и здруженијата на граѓани од кои некои во моментов даваат дури и поквалитетни услуги од дел од самите институции, потренцира министерката Царовска во честитката.