Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ денеска од државата доби 30 брајови машини, кои ќе ги користат децата со оштетен вид кои учат во училиштето или престојуваат во Дневниот центар кој е во состав на ова училиште.
– Овие машини ќе бидат ставени во фунција за потребите на овие деца. Сите деца кои престојуваат во Дневниот центар за деца со оштетен вид и кои учат во училиштето, а немаат брајови машини за пишување во своите домови, ќе моќат да ги носат дома со цел да можат да ја совладаат техниката на пишување со брајово писмо и во домашни услови. Останатиот дел од машините ќе бидат на располагање на овој Дневен центар и на училиштето, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За обезбедување на овие машини за пишување на брајово писмо Министерството за труд и социјална политика издвои средства во износ од 1,2 милиони денари. Спасов најави дека како Министерство и Влада и натаму ќе продолжат со реализација на проекти кои ќе го подобруваат животот на овие дечиња.
Директорот на училиштето, Горанчо Јакимов, посочи дека со оваа донација од 30 брајови машини се решава еден децениски проблем со кој се соочувало училиштето.
– Ова е историски ден за нашето училиште бидејќи конечно се решава тој децениски проблем со кој ние се соочувавме, односно недостаток од брајови машини. Брајовата машина е основно помагало со кое се служат учениците со оштетен вид, бидејќи таа случи за описменување и децата ја користат во текот на целиот воспитно-образовен процес, истакна Јакимов.
Појасни дека машините ќе можат да се користат и во училиште и во Дневнит центар, но оти децата ќе можат да ги носат и дома за да пишуваат домашни работи кои ќе им бидат зададени од наставниците.