Пратеникот Павле Богоевски кој денеска ја достави оставката до собраниските служби од собраниската говорница рече дека останува на ставот дека вредностите и каузата за кои се борел се над функцијата.
Тој во последниот говор како пратеник рече дека оставката ја донел од две причини. Прво дека не сакал да биде пречка за органите на прогонот да си ја вршат својата работа и ги повика да го истражат случајот со аудиоснимката во целост, но и да најдат кој ја направил снимката.
Втората причина за оставката била тоа што тој бил човек кој се залага за правото и правдината. Тој рече дека секогаш бил за вредностите над фотелјата.
„Вредностите на Шарената револуција се сè уште живи и се на сила и никој не може да ги помести од тежиштето“, рече Богоевски алудирајќи дека тој и понатаму останува шарен револуционер и борец за каузата за која што се борел.
Рече дека тој не е како Груевски кој е во бегство и кој, како што кажа, се крие зад диктатори. Богоевски ги повика колегите пратеници да дадат поддршка за престанок на мандатот на Груевски, а не, како што рече, да измислуваат смешни оправдувања и да штитат криминалец кој ѝ нанел огромна штета на државата.
„На крајот сакам да кажам: збогум Никола, јас ќе останам горд и достоинетвен, а ти овде ќе можеш да се вратиш само со лисици и да бидеш на местото каде што ќе треба да си ја отслужиш казната“, рече Богоевски.
Тој рече дека нема да делува институционално и дека ќе продолжи таму каде што застана, односно се враќа на активизмот.
„Не можам да бидам молчелив, ќе му се вратам на активизмот. Мојата борба продолжува, ама не институционално. Тоа ќе биде борба за вредности и правда. Не можам конкретно да кажам што ќе биде со Павле, но зад моите идеи на шарените останувам целосно посветен“, рече Богоевски.
На прашањето дали се кае што влегол во политика, Богоевски рече дека во политиката треба да се прават компромиси за одредени пивисоки цели, но не секогаш лично се согласувал со одлуките кои се носеле.
„Во полтиката треба постојано да се преиспитувате, затоа што политичката релност е нешто различно од активизмот. Најтешки ми беа одлуките кои се носеа за правото и правдината, за кои сум имал лични убедувања кои се коселе со моите принципи за правдата“, рече Богоевски.
Габриела Димковиќ-Мишевска