Богоевски го обвини Апасиев дека ја злопотребува функцијата за да си ја реновира куќата, лидерот на „Левица“ вели дека таа е културно наследство

Од:

Како може Димитар Апасиев да бара да се реновира „Куќата на Аликарови“ во Велес, која е во сопственост на неговото семејство, праша поранешниот пратеник Павле Богоевски на својот профил на Фејсбук споделувајќи документ од пратеничките прашања.

Богоевски за „А1он“ тврди дека старата градска куќа ја купил таткото на пратеникот на „Левица“ и го обвини дека ја злоупотребува функцијата за да издејстува лична корист во овој случај да му се реновира семејната куќа.

„Апасиев ‘неподмитливиот’ го искористи своето прво пратеничко прашање за да изврши притисок врз Министерството за култура да ја реновира неговата семејна куќа во Велес (особено вториот кат).’Куќата на Аликарови’ е во сопственост на семејството на младиот професор од Велес. Тоа е објект кој има значително културно наследство и има реална потреба од реновирање и реставрација, исто како што имаат уште најмалку десетина објекти во Велес и велешко, како и стотици други во државата. Факт е дека се потребни многу повеќе средства во оваа област, како што се потребни и во здравството, образованието и сл.

Но, за ова си има постапка која е во надлежност на Националниот конзерваторски центар. Во нормални услови, овие постапки можат да траат повеќе години, а во услови на пандемија, претпоставувам уште подолго. Еден искусен правен експерт би требало да го знае ова, што значи дека свесно ја (зло)употребува говорницата во лични цели или уште полошо – доколку веќе има постапка пред Националниот конзерваторски центар – има цел да влијае во сопствена корист врз процедурата“, напиша Богоевски на Фејсбук.

Пратеникот Апасиев за обвинувањата на Богоевски тврди дека се неосновани и вели дека на пратеникот му е уставно загарантирано право да постави пратеничко прашање. Тој не гледа никаква злоупотреба со неговата пратеничка функција, затоа што прашува за споменик на културата, кој според него е во распаѓање, а е во надлежност да го реставрира надлежното министерство.

„Куќата ја има купено мојот прадедо Пане Апасиев – познат бавчаванџија од Велес, а моментално е во косопственост на две семејства кои немаат право самостојно да ја реновираат и реконструираат (бидејќи државата не им дозволува ниту клинец да заковаат), па постои непосредна опасност по нивните животи – оваа стара и дотраена куќа да им се сруши над глава додека спијат. Барањата на сопствениците не се од вчера (нивните преписки со надлежните траат над 30 години), но сега институциите и јавноста за прв пат „слушаат“ – само затоа што ги поставува пратеник“, вели Апасиев за „А1он“.

Тој додава дека пратеничкото прашање е во јавен интерес, бидејќи преку овој пример сакал да ја актуализирам тоталната негрижа на надлежните институции кога станува збор за македонското културно наследство.

„Впрочем, децении наназад сопствениците на вакви објекти залудно се обраќаат до надлежните институции, без никаков конкретен одговор. Многу староградски велешки куќи во меѓувреме се срушија или беа опожарени и не успеаја да бидат реконструирани, со што неповратно губи македонската архитектура (примерот со куќата на плоштадот на Варналиите во Велес – кадешто се снимаа спотови на Милчо Манчевски или онаа куќа во Охрид под заштита на УНЕСКО). Значи, прашањето го посочува прстот кон бирократизираните институции и лавиринти, кои додека да реагираат – културно-историските споменици веќе пропаднале и се срушиле. Преку овој личен пример, посочувам и го актуелизирам проблемот со трулиот распаднат систем за заштита на овие споменици на културата и барам одговор од надлежна институција за тоа што точно тие преземаат. На крајот на краиштата, тоа е и моја обврска како пратеник – да ги адресирам проблемите со кои се соочуваат граѓаните до институциите надлежни за нивно решавање. Клучно во случајов е зошто институциите, кои се платени од народни пари, не си ја вршат работата сиве овие години, без притисок од јавноста, медиумите/новинарите или политичарите“, вели Апасиев.

Пратеничките прашања треба да се одржат следната недела на 30 декември, а пратеникот Апасиев според документот на Богоевски, поставил две прашања до Министерството за култура со кои прашува кога ќе се реновира куќата на Аликарови, споменик на културата од 19 век. Тој во текстот вели дека на овој објект му се заканува рапаѓање, особено на вториот кат кој доколку не се санира ќе се сруши.

Би можело да ве интересира

Билјана Ванковска од Струмица: Ние сме несреќни и со право мораме да бидеме гневни

Предраг Петровиќ

Апасиев: Спремаме кривични пријави за членовите на ДИК и АВМУ

Предраг Петровиќ

Апасиев: Покажавме дека имаме структура која им боде очи на нашите непријатели

Катерина Ѓуровски

Билјана Ванковска е претседателски кандидат на Левица

Орце Костов

Апасиев нема да оди на лидерска: Ден на жалост заради двојното убиство, не средба за датум за избори

А1он

(ВИДЕО) Апасиев: Терористот треба да сфати дека нема веќе играчки со Левица, ќе бидеме порадикални

Александар Тодески