Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, со визуелизација постави прашања за деловната мрежа на лица од семејното опкружување на Мицкоски. Преку имиња, компании, деловни врски и партиски донации, Апасиев побара одговор за можниот судир меѓу приватните економски интереси на премиерските роднини и вршењето на јавната власт.
Во фокусот на неговото излагање беше Јорданчо Јанев – Дано, во јавноста веќе познат како баџанак на Мицкоски. Според податоците што ги презентираше Апасиев, Јанев е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано Транс“, „Интерпласт Груп“, „Шалом Фуд Груп“ и новооснованите „Шалом Деливери“ и „Д-Дигитал Конто“.
Дел од компаниите се основани по промената на власта во 2024 година, како и на деловните врски со неговиот братучед Дончо Карастоев, за кого презентираше дополнителна мрежа од девет компании.
Апасиев го посочи и договорот за организирање свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите петнаесет тивериополски маченици во Струмица. Првиот тендер на општината под раководство на новиот градоначалник Петар Јанков завршил кај фирма поврзана со баџанакот на Мицкоски, кој истовремено бил кум и покровител на прославата. Апасиев го проблематизираше ваквиот однос меѓу јавните средства и приватниот бизнис, особено во контекст на општина за која наведе дека има јавен долг од 16 милиони евра.
Апасиев отвори прашања и за финансиските врски со владејачката партија. Според јавно достапните податоци, Јорданчо Јанев од 2019 година донирал околу 20.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ, додека неговиот братучед Дончо Карастоев донирал 5.000 евра за изборите во 2024 година. Дополнително, посочи дека Танкица Ефтимова, директорка на компанијата „Д-Дигитал Конто“, донирала 2.500 евра.
Посебен дел од излагањето беше посветен на прекуграничната деловна мрежа во Бугарија. Апасиев посочи две компании поврзани со Јанев и Карастоев, регистрирани на иста адреса во Петрич, како и повеќе домашни компании од областа на транспортот, трговијата, угостителството и консалтингот. Воедно, побара да се испита потеклото и движењето на капиталот во оваа мрежа. Тој спомена и информации за недвижен имот и можни земјоделски концесии.
Повлекувајќи паралела со деловните и политичките врски што биле предмет на претходни корупциски афери, Апасиев го постави прашањето дали станува збор за независни приватни бизниси или за мрежа чии интереси се испреплетуваат со политичката моќ: „Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно помеѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?
„Почитуван Апасиев, навистина не ве бивало за бизнис. Сега сфатив зошто имате толку голема фрустрација од овој трет ешалон, каде што вие не можевте ни на десеттиот да дојдете во таа политичка партија, па моравте неколку да смените во меѓувреме. Прашање кога и од таму ќе ве исклоцаат. Но, тоа е друга тема за која што може во некоја друга прилика ќе зборуваме малку повеќе“, му порача претседателот на Владата Христијан Мицкоски на пратеникот Димитар Апасиев.
Мицкоски упати остри критики кон Апасиев, обвинувајќи го дека преку собраниската говорница изнесува лаги и клевети без да сноси одговорност за кажаното. Го повика јавно, пред медиумите, да ги повтори тврдењата што ги изнел во Собранието, со порака дека е подготвен правдата за нив да се бара на суд.
„Овде сум јас инфериорен, бидејќи после мене вие ќе излезите и ќе фрлите уште нов грст лаги и клевети. И нормално како секоја кукавица ќе ја искористите или злоупотребите собраниската говорница без притоа да немате некаква кривична одговорност ниту за клевета, ниту пак за нешто друго. Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјак, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте, да го докажете“.
Во однос на Јорданчо Јанев, посочи дека станува збор за негов баџанак, односно дека сопругата на Јанев е сестра на неговата сопруга. Притоа, нагласи дека информациите за бугарското државјанство на Јанев не се точни, тврдејќи дека тој поседува бугарски пасош од 2003 година, а не од 2017 година.
„Инаку, да мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Инаку не ви е точен податокот дека од 2017-та има бугарски пасош туку од 2003 година. Инаку, да тој е син на двајца стечајци, татко му кога останал без работа во тогашната Треска, му дава еден камион кој што тој го вози за да заработи, за да ја прехрани фамилијата која е останата без работа во времето на транзицијата. И потоа развива свој сопствен бизнис кој што трае повеќе од 25 години. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓани, па дури и да еве во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите кои што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат луѓето тука, наместо да ги изнесуваат или да речеме да летуваат во скапи хотели на Егејското крајбрежје или да шопингуваат во Тесалоники, како што вие милувате да кажете, скапа гардероба која што ја носите вие и вашето семејство, и на тој начин да ги манипулирате овие околу вас кои што ви даваат каква таква поддршка. Јас навистина не разбирам, вие навистина не се разбирате од бизнис“, вели Мицкоски и додаде:
„Но, ај што не се разбирате од бизнис, туку и доаѓате овде како секоја обична кукавица доаѓате овде на говорница и истурате клевети кои тоа немаат никаква врска, па дури и успевате да ја сквернавите и прославите на свети Тивериополски свештеномаченици која што е градска слава во Струмица и која што трае со децении. Добро вие сте еретик, не ги разбирате тие работи, а еретиците не можат да ги сфатат тие верски обичаи“.
Мицкоски повторно го повика Апасиев да ги изнесе своите тврдења јавно, пред медиумите, наместо да ги користи пратеничката говорница, нагласувајќи дека е подготвен за правна разрешница на спорот.
„Така што господине Апасиев, јас најчесно, најпријателски, најдругарски ве замолувам за да ја оттргнеме оваа перцепција дека сте кукавица и дека немате срце, излезете после ова беседа што сега после мене ќе ја кажете на прес конференција и кажете ја. Немојте вака сега да излегувате тука и да лажете, да измислувате итн“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата. Притоа, упати критики кон политичките противници, обвинувајќи ги дека земаат хонорари и дневници од партијата, а потоа средствата ги вложуваат во угостителски објекти, како кафулиња и ноќни клубови, од кои остваруваат профит.
„Инаку што се однесува до донаторството. Да, во ВМРО-ДПМНЕ има повеќе донатори, илјадници донатори, членови и симпатизери на партијата. За разлика од кај вас кои што земате од партијата хонорари и дневници, и тие потоа ги трошите, купувате објекти, кои потоа се кафе барови, ноќни клубови и кафичи, ги регистрирате, го црпите профитот од таму, за да можете вашите хедонистички навики вие и вашето семејство да ги покажете на јавна сцена“, дециден е Мицкоски.
Во контрарепликата на одговорот на Мицкоски, Апасиев повторно се осврна на деловните и политичките врски на лица од семејното опкружување на Мицкоски, овојпат презентирајќи фотографии од Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на Мицкоски, во друштво и на актуелниот и на поранешниот премиер Зоран Заев. Одговарајќи на личните квалификации на Мицкоски, Апасиев ги проблематизираше неговите скапи часовници, потсети на претходниот судски спор и најави нови документи за прашањата што ги отвори, порачувајќи дека денешното излагање е само една епизода од она што допрва ќе биде обелоденето.


„Од сѐ што кажавте, најточно е само дека сте инфериорен. Но, треба да дополните дека сте инфериорен сноб кој носи часовници од 60.000 евра и мисли дека тоа ќе направи некоја поголема вредност“, потенцираше Апасиев.
Апасиев го потсети Мицкоски и на неплатените судски трошоци од спорот за клевета што Мицкоски го водеше против него, а во кој беше застапуван од Панче Тошковски. Апасиев нагласи дека, и покрај обидите на Мицкоски да го предизвика на правно поле, исходот од спорот покажал дека таквите обиди не му оделе во прилог.
„Должите уште судски трошоци од тужбата што ја застапуваше Тошковски. На Апелација сега фатете некоја врска да ви ја поништи таму, инаку судски трошоци должите баш заради тоа што изгубивте спор за клевета“, истакна Апасиев.
На крајот, Апасиев најави дека за прашањата поврзани со таканаречениот „кукавичлук“ ќе следуваат дополнителни откритија, бидејќи Левица располага и со други документи кои засега нема да бидат објавени, за да не се открие сè во една епизода.
