Премиерот Христијан Мицкоски најави три мерки за младите, кои, како што рече, треба да ги решат прашањата поврзани со егзистенцијата и домувањето. Мерките ги соопшти на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а за нив најави законски решенија.
Првата мерка предвидува градежните компании, доколку сакаат да добијат дозвола за градба на станбени згради, да мора да издвојат најмалку 10 проценти од становите за млади брачни двојки до 35 години, по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
„Ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната цена“, рече Мицкоски.
Тој најави дека оваа обврска ќе биде регулирана со закон и порача дека мерката ќе важи за градежните компании на целата територија на државата. Според него, станува збор за поповолни услови за купување дом, наместо субвенционирање на дел од каматните стапки.
Втората мерка се однесува на младите брачни двојки до 35 години кои ќе одлучат да градат сопствена куќа. Мицкоски најави законско решение со кое општините нема да им наплаќаат комуналии за изградба на дом.
„За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии. На цела територија на Македонија. Нула комуналии за сите брачни парови до 35 години што ќе се одлучат да градат куќа, свој дом“, рече премиерот.
Третата мерка е наменета за студентите и младите и предвидува најмалку 20 проценти поголеми услуги преку апликацијата М-услуги. Мицкоски појасни дека не станува збор само за зголемување на средствата за студентскиот оброк, туку за проширување на поволностите што ќе им бидат достапни на студентите преку дигиталната апликација.
Тој рече дека Владата, заедно со Генералниот секретаријат и министерствата за образование, финансии и дигитална трансформација, работи на разработка на ова решение.
„Секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека студентите ќе можат да ги користат дополнителните услуги и откако ќе го искористат предвидениот буџет за тековниот месец, односно до почетокот на следниот месец.
Мицкоски ги претстави трите мерки како дел од политиките за подобрување на условите за живот на младите, нагласувајќи дека фокусот е на решавање на прашањата за домувањето и егзистенцијата.
Обраќајќи им се на членовите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, тој порача дека секоја генерација има одговорност да создаде нешто што ќе остане и ќе биде темел за генерациите што доаѓаат. Конференцијата се одржува под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“.
