Левица обвини за селективно постапување на институциите, споредувајќи ја реакцијата на обвинителството и полицијата во случајот со заканата кон премиерот Христијан Мицкоски со постапувањето во случајот со претепаната девојка Сара од Охрид.
Од партијата велат дека за една реченица објавена во коментар на Инстаграм, насочена кон Мицкоски, институциите експресно реагирале, постапиле по допрен глас, поднеле кривична пријава и определиле притвор.
„За монструозно претепана девојка, ни болничкиот кревет, ни јавно изнесените фотографии и сведоштва не се доволни за насилникот да заврши во притвор“, наведуваат од Левица.
Од партијата прашуваат како обвинителството ја проценило опасноста за безбедноста на Сара и зошто во нејзиниот случај не била донесена иста одлука за притвор.
Левица упати критики и до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека државата не смее да функционира како обезбедување на премиерот и владејачките функционери, додека безбедноста на останатите граѓани останува во втор план.
„Безбедноста на една девојка не е помалку вредна затоа што нема службено обезбедување, политичка функција и кабинет од кој може да бара итна реакција“, се наведува во партиското соопштение.
Од Левица додаваат дека граѓаните се соочуваат со селективност во постапувањето на институциите и бараат еднаков третман и заштита за сите, без оглед на политичките и семејните врски.
