Претседателот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев, денеска примил писмена претставка од група оштетени граѓани од Крива Паланка и околните населени места, кои со години се соочуваат со институционално игнорирање на проблемот со неконтролираното движење на над 1.000 крупни добиточни животни, информираше партијата.
Станува збор за добиток кој се движи без надзор, уништува приватни имоти и ја загрозува безбедноста во сообраќајот, а случајот, според подносителите, прераснал и во меѓународен граничен инцидент. И покрај повеќегодишните проблеми, надлежните државни органи не презеле соодветни мерки за нивно решавање.
„Оштетените граѓани со децении го трпат теророт на локален вмровски силеџија, заштитен од партијата на власт. Ова недозволиво институционално изживување врз луѓето мора да престане!“, истакна Апасиев.
Претставката е поднесена до Постојаната анкетна комисија со барање за заштита на уставните слободи и права на граѓаните кои се директно засегнати од овој случај. Апасиев најави дека проблемот ќе биде отворен и детално претресен пред надлежната собраниска комисија, со цел да се утврди одговорноста за долгогодишното непостапување на институциите.
