Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски на денешната прес-конференција ги најави измените во Законот за работните односи во делот на заштита од дискриминација поради бременост.
Според него состојбата на теренот покажува дека се врши дискриминација на женскиот род при вработување кога на кандидатките им се поставуваат прашања за нивната интима.
„Дали сте бремена и дали планирате бременост во наредниов период не смее да биде прашање поставено на интервју за работа. Со предложените измени се предвидува забрана на сите облици на дискриминација, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се наоѓаат во состојба на бременост“, изјави Ристовски.
Тој додаде дека товарот на докажување во случај на дискриминација ќе го носи работодавачот и дека истиот нема да може да бара тест за бременост при вработување на кандидатка.