Кавадаречките политичари ги поддржаа работниците: Нема да се дозволи да се изгасне печката во Фени

Од:

Синдикатот на „Еуроникел индустри“ кој веќе извесен период бара помош за фабриката да не оди во стечај и да почне нормално да функционира, денеска и јавно доби поддршка од пратениците Даниела Колева и Зоран Јованчев, како и од градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

На средбата по барање на синдикалистите во општинската зграда, претставниците на синдикалната организација од поранешно „Фени“, побараа помош да се најде решение да не се исклучи струјата во комбинатот. Зашто, како што рекоа, ако се исклучи струјата, после тоа ќе требаат многу време и пари за повторно да се активира печката.

-Бараме исто така поддршка да ни се исплати поврат на ДДВ и да не се дозволи фабриката да замине во стечај. Според нашите информации, засега има двајца инвеститори кои биле заинтересирани да инвестираат во некогашниот гигант. Еден странски и еден домашен. Домашниот, кавадаречкиот инвеститор претпочитал да ја купи фабриката после стечај и без вработени. Бараме, ние околу 800 работници да не „изгориме“ додека траат натегањата околу продажбата на објектот и доаѓањето на нов инвеститор. Најважно е вработените да останат на работа, во спротивно, најавуваме протести и блокади, рече во изјава за МИА, Миле Ѓорѓиев, претседателот на Синдикатот.

Колева, Јанчев и Јованчев рекоа дека ќе помогнат во рамките на своите можности, иако, како што беше нагласено, станува збор за стопроцентно приватен објект, во кој немаат законско право да се мешаат.

-Секогаш сме тука за вас и секогаш сте важни за нас. Кога фабриката има проблеми, тоа се чувствува и во градот, се чувствува и кај другите компании, во дуќаните. Факт е дека ова што сега се случува, е последица на тоа што беше во минатото, од пред неколку години. Не е небитно кој ќе ве купи, за да не ви се повтори сценариото од пред неколку години. Внимавајте зад кого застанувате овој пат. Имате голема моќ како вработени. Не да размислувате, „кој сака нека не земе“, туку вие да одлучувате. Работниците да работат, нагласи Колева.

Јанчев рече дека од работењето на комбинатот интерес имаат општината и државата, но најмногу вработените.

-Нема да се дозволи да се изгаси печката, на никој не му е од интерес да згасне. Проблемот е наталожен од поодамна. Свесни сме што значи „Фени“ за Кавадарци да работи но и да партиципира во екологијата. Инвеститор што ќе води сметка и за тоа. Да не се гледа само профит. Ни треба стратег, домаќин, рече Јанчев.

Пратеникот Јованчев исто така подвлече дека станува збор за капацитет значаен и за општината и за државата.

-На оваа ситуација никој не треба да остане имун. Ќе имаме социјален случај, ако тргне на лошо. Наше е да посредуваме и да вршиме притисок за решавање на проблемот, додаде Јованчев.

Откако побараа помош и поддршка, претставници на Синдикатот во 17 часот ќе одат на средба во Влада.

Би можело да ве интересира

МВР: Неготинец нападнал малолетник во сендвичарница, исчезнал болен маж од Кавадарци

Горан Наумовски

Четири работнички од Непал му избегале на газдата во Прилеп, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

Потпишување анекс на Колективниот договор веднаш по формирањето на новата влада, бараат здравствените работници

Орце Костов

Синдикатот бара повеќе кадар во Клиничка болница Тетово, недостигаат 400 вработени

Орце Костов

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Зголемен бројот на работниците во индустријата