„Кариерен ЕКСПО“: До успешна кариера со труд и учење, но и среќа

Од:

Имајте визија, мотив, желба и верба дека може да успеете. Работете напорно, постојано учете и надообразувајте се. Но, никогаш немојте да дозволите кариерата да ја платите со приватниот или семејниот живот, им порачаа на младите говорниците на конференцијата „Кариерен ЕКСПО“, што во организација на Младинскиот совет на Американска амбасада се одржува денеска во Скопје.

– Младоста е клучен период во животот, во кој секој човек ги дефинира сопствените амбиции. Во текот, а особено по завршувањето на формалното образование и дефинирањето на професионалната ориентација младиот човек се соочува со предизвикот за економска независност и пронаоѓање на сопственото место во општеството. Тој процес во современи услови е динамичен, претставува голем предизвик и бара континуирана упорност, вложување во сопствените капацитети и постојана лична и професионална надградба и саможртва, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во обраќањето на конференцијата.

Тој на младите им порача да ги искористат сите можности што ги нуди државата, но да ги искористат и сопствените можности, капацитети, креативност, иновативност…

– Основно животно правило е дека секој е чувар на својата среќа и креатор на својот успех. Ниту еден успех не доаѓа без прифаќање ризици и вложување огромен труд. Во современи услови и околности државата е должна да креира амбиент и да создава услови за еднаков пристап до пазарот на трудот. Но, предусловите за вработување ги диктира поединецот почнувајќи од желбата за континуирано образование, додаде министерот за труд и социјална политика.

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонио Милошоски истакна дека доколку младите сакаат да градат кариера треба да знаат што сакаат, но и што можат, да бидат мотивирани, секогаш оптимисти, постојано да се усовршуваат, но и, како што рече, да создаваат голем број контакти, пријателства и познанства.

– Најмногу ќе ви помогнат луѓето кои лично ги познавате. Затоа треба да создавате контакти со вашата генерација, но и оние пет до десет години постари или помлади. Понекогаш помошта ќе биде само со совет, понекогаш ќе добиете поддршка која ви е потребна, рече Милошоски.

Потенцира дека треба да се направи рамнотежа меѓу желбата за градење кариера и приватниот живот.

– Никогаш немојте да дозволите цената што треба да ја платите за да изградите кариера да бидете вие, вашиот приватен или семеен живот, рече Милошоски.

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија Кристофер Ивон верува дека покрај желбата, мотивот, работата, упорноста за успех во градењето кариера е потребна и среќа. – Да немав среќа, рече, денеска нема да бев овде, додаде Ивон.

Споделувајќи ја својата животна приказна, тој рече дека покрај учењето, упорноста и желбата и среќата која ја имал, му помогнало да излезе од сиромаштија и да стане она што е денес.

– Верувајте во себе, секогаш знајте што сакате, посветете се на тоа, работете го со многу труд и љубов и резултатите со малку среќа ќе дојдат, порача британскиот амбасадор.

На конференцијата учествуваат повеќе компании, институции и организации кои имаат можност да се претстават пред младите од државните и приватните универзитети, факултети и од средните училишта.

Би можело да ве интересира

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Постара жена исфрлена на улица од семејството, десет дена живее во хорор-барака во Охрид

Жарко Настоски

Две малолетни сестри питаат боси по велешките улици за да однесат млеко за бебето Метин, неискапено со месеци

Габриела Димковиќ-Мишевска

Одложен проектот бесплатна услуга одмор и рекреација за децата од социјален ризик

А1он

(ВИДЕО) Спасовски: Создаваме услови граѓаните со социјален ризик да добијат кров над глава

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Молк на институциите по случајот во Аеродром: Секој ден е кобен за браќата и станарите

Ана Василевска