Инфо сесија за новата Програма за прекугранична соработка меѓу Македонија и Србија

Од:

Министерството за локална самоуправа на Македонија и Министерството за евроинтеграции на Србија денеска организираа Инфо сесија за новата Програма за прекугранична соработка на Европската унија финансирана преку ИПА Програмата.

Програмата е финансирана преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на ЕУ и го покрива буџетскиот период 2014-2020 година, со вкупна сума од 3,5 милиони евра.

Мјелма Мехмети Петерсен, државен советник во Министерството за локална самоуправа, истакна дека денешниот настан е наменет за оние кои во иднина би сакале да учествуваат како апликанти во рамки на програмите за прекугранична соработка, конкретно во програмата за прекугранична соработка со Србија.

– Програмата за прекугранична соработка со Србија една од поновите и последна отворена во низата програми за билатерална соработка, што поддржува активности за соработка на субјекти од двете страни на границата, пограничните региони, од наша страна и од српска страна. Вкупниот износ на програмата е доста мал, некаде помалку од 3,5 милиони евра, но тоа е доволно за да се започне да се воспостават контактите, рече Мехмети Петерсен.

Изрази очекување дека со следната програма што се очекува да се активира по 2020 година, ќе има повеќе средства на располагање. Посочи дека ова е информативна средба на потенцијалните апликанти, а исти вакви активности ќе се организираат и во Србија, со што ќе се заокружи еден процес на подигање на свеста за постоење на програмата.

Билјана Станковиќ, шеф на заедничкиот Технички секретаријат на програмата за прекугранична соработка меѓу Србија и Македонија, рече дека програмата е можност општините на двата региона од Македонија и два региона од Србија, да почнат интензивна меѓусебна соработка, да решаваат клучни проблеми од областа на мобилноста на работната сила, економското зајакнување, заштита на животната средина, културната соработка, а кога ќе се објави првиот повик за проекти, детално ќе се знае што ќе бидат приоритети.

– Денеска имаме обука за управување со проекти за општините и граѓанските организации за сите можни апликанти за оваа програма, каде нив им се објаснуваат основни принципи – од формулирање заеднички идеи, и од формулирање она што сакаат да го постигнат, преку начинот како се пишуваат проекти, како подоцна се имплементираат, и како се правдаат трошоците, низ текот на целиот циклус на управување со проекти, рече Станковиќ.

Истакна дека Програмата за прекугранична соработка почнала на 1 март годинава и ќе продолжи и по влезот на кандидатките во ЕУ, а сите претходни договори меѓу Македонија и Србија се потпишани на крајот на минатата година.

– На секои пет години се формулираат нови проекти и евентулно се менуваат приоритетите, но меѓу Македонија и Бугарија на пример, оваа програма почна пред десет години, продолжува и сега, а постојат и програми на соседска соработка меѓу земји кои се долгогодишни членки на ЕУ, рече таа.

Вчера во Куманово се одржа состанок меѓу министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и амбасадорката на Србија во Македонија Душанка Дивјак Томиќ, со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, на кој се разговарало за последните подготовки за отворање на канцеларија во Куманово, за имплементација на ИПА Програмта за прекугранична соработка меѓу Македонија и Србија.

Програмата за прекугранична соработка со Србија е нова програма што ќе биде финансирана со средства од ИПА инструментот на ЕУ и кофинансирана со средства од буџетот на државата.

Во завршна фаза е процесот на воспоставување заедничките технички тела, а се подготвува и првиот повик за проекти на кој што ќе можат да аплицираат општини, граѓански организации и други непрофитни субјекти од двете земји. Заради успешно спроведување на програмата во тек се обуки за подготовка на проектна апликација за потенцијалните апликанти, а исти такви обуки ќе бидат организирани и за заинтересираните субјекти во Србија.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов