Невработените лица да продолжат да се евидентираат во Агенцијата за вработување на Република Македонија, соодветно на своето убедување дали сакаат активно да бараат работа или не, порача министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тој на денешната прес-конференција на која со директорот на Агенцијата, Влатко Поповски информираа за Упатството за начинот и постапката за воведување, водење и престанок на евиденцијата на невработени лица, појасни дека без разлика дали лицата ќе се пријават како активни или пасивни баратели на работа, целосно ќе им бидат овозможени сите социјални права.
Формуларот, односно пријавата се подигнува во центрите за вработување според местото на живеење на невработеното лице на денот на првиот редовен термин за јавување, при што ќе добие кратко појаснување за начинот на пополнување од страна на службено лице.
– Секоја пријава за воведува во регистар е нумерички обележана, за што службеното лице задолжително во системот треба да го внесе датумот на подигање на пријавата и точниот нумерички број. Лицето задолжително ја враќа пријавата на денот на анредното пријавување, пополнета и своерачно потпишана, рече Ристовски.
Службеното лице, додаде тој, нема да може да го евидентира лицето, доколку тоа има подигнато пријава, а ја нема вратено. Доколку лицето ја изгуби или оштети пријавата должно е да даде изјава која треба да биде предадена преку архивата на Центарот за вработување и повторно ќе му бдие издадена нова пријава која ќе мора да ја пријави во работниот клуб во присуство на службено лице.
Службени лица, рече Ристовски, се задолжени да помогнат во пополнување на пријавите и на оние кои прв пат се евидентираат во Агенцијата за вработување.