Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел, по официјалното отворање на процесот на пристапните разговори на Македонија со НАТО, оствари одвоени средби со заменичката генерален секретар на Алијансата, Роуз Готемелер и со комесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска на средбите со Готемелер и Хан, наведе дека по еден од најважните моменти за иднината на земјата, добивањето на поканата за членство на Македонија во НАТО, земјата е фокусирана на започнатите пристапни разговори, изразувајќи очекување дека ќе се одвиваат брзо, ефикасно и квалитетно.
– Вложивме големи напори за Македонија да биде целосно подготвена за пристапните разговори. Имаме големо искуство и огромна волја овие разговори да се завршат што поскоро и паралелно со исполнувањето на домашните обврски од Договорот со Грција, Македонија да го заземе своето заслужено место како полноправен член на Алијансата, истакна министерката за одбрана.
Според Шекеринска почетокот на пристапните разговори е потврда дека процесот продолжува.
– Немаме дилеми дека сме на вистинскиот пат, нагласи Шекеринска на средбата со Готемелер, потенцирајќи дека граѓаните на Македонија се убедени дека влезот во НАТО значи стабилност, сигурност и просперитет за целиот регион и дека тоа е едно од прашањата за кои постои целосен консензус и обединетост во Македонија, се наведува во соопштението од МО.
Министерката посочила дека Владата, премиерот Зоран Заев, како и огромен број граѓани, над 600.000 донеле храбра и прагматична одлука што ги отвора вратите кон просперитетна Македонија и просперитетен и безбеден регион.
– Сега е потребно иста таква одлука да донесат и оние чиј легитимитет им го дава токму народот, односно пратениците во македонското Собрание, рече министерката, изразувајќи очекување дека сите пратеници ќе ја поддржат европската и евроатлантска перспектива на Македонија.
На средбата со министерката Шекеринска, Готемелер рече дека поддршката од НАТО за Македонија продолжува и дека за членството на Македонија во НАТО нема план Б освен имплементацијата на Договорот од Преспа, потенцирајќи дека сега се е во рацете на пратениците – во овој историски момент да ја реализираат стратешката определба на Македонија за интеграција во НАТО Алијансата.
На средбата на Шекеринска и Хан беше заклучено дека Преспанскиот договор е единствената гаранција за реализација на аспирациите за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО, се посочува во соопштението.
Тие се согласија дека на потег се пратениците кои треба да ги надминат партиските разлики и да дејствуваат за иднината на државата.
Заеднички став на Шекеринска и на Хан, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, е оти тешко е да се верува дека во иднина ќе има подобар договор за решавање на спорот, и подобра можност за Македонија од сегашната.