НАТО подготвува нова стратегија за одбрана на источното крило во случај на руски напад, која во голема мера се потпира на дронови, сензори и вештачка интелигенција, објави „Блумберг“.
Документот насловен „Теорија на победата“ на 12 октомври во Полска треба да го претстави генералот Алексус Гринкевич, врховен командант на сојузничките сили на НАТО во Европа. „Блумберг“ објави дека имал увид во некласифицирана верзија на документот.
Целта е да се утврди како НАТО би можел брзо да ги запре руските сили и да спречи поголеми територијални освојувања во случај на напад врз источното крило на Алијансата.
Стратегијата се надоврзува на иницијативата за одвраќање и зајакнување на источното крило на НАТО, која опфаќа простор од северот на Европа, преку Балтикот и Полска, до југоисточниот дел на континентот.
Планот предвидува поврзување на извидувачки дронови, радари, сателити, камери и други сензори во единствена мрежа. Податоците би се обработувале со помош на вештачка интелигенција за командантите побрзо да ги идентификуваат противничките сили и да донесат одлуки.
Во случај на напад, значаен дел од првата линија на одбраната би го сочинувале беспилотни системи – дронови, копнени роботи и други автономни системи. Потоа би се вклучувале конвенционалните сили, како тенкови, борбени авиони и војници.
Во документите за проектот се користи и концептот „Kill Web“, кој предвидува поврзување на различни сензори и оружени системи во мрежа, наместо традиционален линеарен синџир на командување. Така, информациите за откриена цел би можеле брзо да стигнат до системот што може да дејствува против неа.
Вештачката интелигенција не би донесувала самостојни одлуки за напад. Нејзината улога би била обработка на голем број податоци, следење на ситуацијата и предлагање опции, додека одлуките за употреба на смртоносна сила би останале кај луѓето.
Новиот пристап во голема мера се темели и на искуствата од војната во Украина, каде што дроновите, електронското војување и брзото поврзување на извидувањето со артилеријата значително го променија начинот на водење на воените операции.
Еден од предизвиците за НАТО е и трошокот за одбрана од масовни напади со дронови. Алијансата работи на развој на поевтини системи за пресретнување, бидејќи употребата на скапи ракети против евтини беспилотни летала не е долгорочно одржлива.
Гринкевич претходно изјави дека формалните воени планови на НАТО мора да добијат политичка потврда од Северноатлантскиот совет, но дека воениот врв веќе разгледува како би можел да изгледа одговорот на идните закани.
Документот не значи дека НАТО очекува непосреден руски напад или дека е донесена одлука за конкретен воен одговор, туку претставува планирање на сценарио во случај на напад врз територија на земја членка.
