Русија подготвена да им испорача на САД неограничени количества дизел, три танкери веќе пловат кон Северна Америка

Од:

Русија е подготвена да им испорача на САД колкави количества дизел ќе побараат, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак за државната телевизија „Вести“, потврдувајќи дека три танкери со руски дизел веќе се на пат кон Северна Америка.

„Колку и да сакаат нашите партнери од вкупното количество што ќе го извезуваме, можеме да им го испорачаме целото“, изјави Новак.

Првиот танкер, со капацитет од 40.000 тони, исплови претходно неделава од балтичкото пристаниште Приморск, а неговото пристигнување во пристаништето во Њујорк се очекува на почетокот на ноември. Ова е прва директна испорака на руски нафтени деривати во САД од воведувањето на санкциите и забраната за увоз во 2022 година.

Испораката е резултат на новиот трговски договор меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

САД одобрија шестмесечно изземање од санкциите за увоз на руски дизел, со цел да се овозможи реализација на договорот. Вашингтон се одлучи на овој чекор поради растот на цените на горивата на домашниот пазар, предизвикан од нарушувањата во глобалното снабдување и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Аналитичарите оценуваат дека договорот нема значително да ги намали цените на горивата на бензинските пумпи во САД и дека станува збор за политички потег на Трамп пред важните конгресни избори на 3 ноември.

Во рамки на договорот, Русија ги укина и привремените ограничувања за извоз на дизел, кои претходно ги воведе за заштита на домашниот пазар.

Според Новак, самата најава за договорот придонела за пад на глобалните цени на нафтата од пет до шест проценти. Русија до крајот на годината планира месечно да извезува од три до три и пол милиони тони дизел на светскиот пазар, при што дел од количествата може да бидат насочени кон САД, зависно од побарувачката.

Иако почетната испорака од 40.000 тони претставува мал дел од вкупната американска потрошувачка, договорот се толкува како сигнал за стабилизирање на енергетскиот пазар и како важен преседан во трговските односи меѓу Вашингтон и Москва.

Одлуката, истовремено, наиде на остри критики од Киев, кој предупредува дека продолжувањето на купувањето руски енергенси директно го финансира воениот буџет на Руската Федерација.

Би можело да ве интересира

Европската унија уште е многу зависна од руските енергенси

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Украинците го нападнаа Белгород, има жртви и големи штети

ВИДЕО: Трамп откри план за Русија и Украина по завршувањето на војната

Трамп се закани: Подготвува „удар“ врз Русија и Украина

Кремљ ги отфрли најновите предлози за мир во Украина

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Еден од најжестоките руски напади на Киев во последно време, Трамп најавува дека крајот е блиску