Зависноста на Европската Унија од руските енергенси е значително намалена, особено кога станува збор за природниот гас, чиј увоз од почетокот на руската инвазија врз Украина е намален за три четвртини. Сепак, Унијата и натаму се соочува со предизвици во прекинувањето на увозот на руска нафта и нуклеарно гориво, оценува Бен Меквилијамс, енергетски експерт од бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“, пренесува „Дојче веле“.
Од почетокот на следната година треба да стапи во сила забраната за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ), а од есента забраната ќе се прошири и на гасот што се транспортира преку гасоводи.
Сепак, според извештајот „Russia Fossil Tracker“ на финскиот истражувачки центар ЦРЕА, 27-те членки на ЕУ потрошиле околу 238 милијарди евра за руски јаглен, нафта и гас. Шведската европратеничка Хана Гедин од партијата „Ванстерпартиет“ оцени дека Русија ги користи овие средства за финансирање на нападите со ракети и дронови врз украинското население.
Европската комисија на почетокот на годината најави план за прекин на увозот на руска нафта, но сè уште не го претставила. Гедин побара објаснување за доцнењето.
„Каде е најавениот закон? Каде е вашата храброст да им послужите како пример на другите?“, праша таа во Европскиот парламент.
Унгарија и Словачка и натаму зависат од руската нафта што пристигнува преку нафтоводот „Дружба“. Таквата зависност не може да се отстрани брзо, но уделот на руската нафта во вкупниот увоз на ЕУ е значително намален.
Дополнителни дебати предизвикува и политиката на американската администрација. Вашингтон прво склучи договор со Русија за набавка на дизел, а потоа претседателот Доналд Трамп привремено ги суспендираше санкциите против руската власт непосредно пред нивното стапување во сила.
„Би било лудо повторно да купуваме енергенси од Русија“, изјави Меквилијамс од „Бројгел“.
Според него, политиката на Трамп кон Русија не треба да влијае врз европската стратегија. Сличен став има и мнозинството европратеници.
„Зависиме од држава што води војна и тоа мора што поскоро да се прекине“, изјави германскиот социјалдемократ Јенс Гајер.
Помалку се зборува за зависноста од Русија во областа на нуклеарната енергија. Според податоците на агенцијата Евратом, количината ураниум што ЕУ ја увезува од Русија со години е речиси непроменета. Во меѓувреме, рускиот државен концерн „Росатом“, кој се занимава со збогатување ураниум, го проширил работењето во Европската Унија.
Во пет земји членки на ЕУ работат нуклеарни реактори од руски дизајн. За нив наскоро треба да се произведуваат горивни елементи во германскиот град Линген, во рамките на француско-руското партнерство меѓу компаниите „Фраматом“ и „Росатом“.
Меквилијамс смета дека ова е слаба точка во европската енергетска политика.
„Од финансиска гледна точка, тие износи не се особено големи. За рускиот воен апарат многу поважни се нафтата и гасот. Но, проблемот со ураниумот е стратешката зависност од Русија“, предупреди тој.
И покрај најавите на ЕУ, засега има малку промени во оваа област, а една од причините е и отпорот од Франција. Францускиот европратеник Паскал Канфин од либералната група „Ренју“ предупредува дека технички е многу посложено да се прекине зависноста од рускиот ураниум отколку од рускиот гас или нафта.
Тој додава дека изворите за снабдување со гас веќе се поразновидни, бидејќи ЕУ го набавува и од Канада, Казахстан и Австралија. Тоа е значителна промена во однос на почетокот на 2022 година, пред војната, кога дури половина од увезениот гас доаѓал од Русија.
Според Канфин, не смее да се повтори ваквата нерамнотежа, која ѝ овозможила на Русија да ја користи енергијата како средство за уцена.
Затоа, една од главните цели на ЕУ е сè повеќе да се потпира на електрична енергија произведена од обновливи извори. Сепак, Канфин предупредува и на нов ризик: зависноста од Кина за производство на соларни панели и ветерни турбини.
