НАТО стравува дека Трамп ќе ја принуди Украина на понижувачки мир со Русија

Од:

Отворениот судир меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски директно ја ослабува способноста на Украина да се брани од руската агресија, пишува „Блумберг“. По ескалацијата на тензиите минатата недела, САД го ограничија клучниот пристап до сателитската технологија „Старшилд“ на „СпејсИкс“ и ја задржаа испораката на важни ракети за противвоздушните системи „Патриот“, со кои Киев се брани од руските балистички напади.

Високи функционери на НАТО стравуваат дека односите меѓу Зеленски и американскиот претседател се неповратно нарушени. Според извор запознаен со разговорите, во Алијансата расте загриженоста дека ваквиот развој на настаните би можел да ја принуди Украина да прифати болен и понижувачки мировен договор со Москва.

Зеленски вчера во Осло се сретна со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во рамките на новата рунда мировни преговори. На разговорите преку видеоврска се приклучи и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател.

Длабокото нарушување на односите се случува во време кога Трамп се бори да го зачува републиканското мнозинство на изборите за Конгресот на 3 ноември. Поради политичкиот судир, Украина ја дочекува зимата во една од најранливите позиции досега, додека бројот на цивилни жртви во руските напади расте.

„Пред нас е долга, мрачна и студена зима“, предупредува Џастин Логан, директор за одбранбена и надворешна политика во вашингтонскиот институт „Като“.

„Наскоро е ноември, нивните залихи на ракети-пресретнувачи се речиси на нула, а можностите на Европејците да ги надополнат се многу ограничени, бидејќи и нивните складишта се празни“, вели Логан.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е свесен за опасноста од натамошно влошување на односите. Негова главна цел е да ги смири тензиите и да создаде простор за практични решенија со кои Украина ќе го добие она што ѝ е потребно за продолжување на одбраната, наведува функционер на Алијансата.

Токму затоа, според „Блумберг“, претставници на НАТО му упатиле сериозно предупредување на украинското раководство, барајќи од Зеленски итно да ги смири страстите и да се обиде да го надмине конфликтот со Вашингтон.

Според неименуван извор, Алијансата јасно ставила до знаење дека поради непредвидливоста на Трамп може да бидат доведени во прашање дури и испораките на американско оружје што европските земји сами ги финансираат преку програмата ПУРЛ. Изворот за „Блумберг“ зборувал под услов на анонимност, бидејќи станува збор за доверливи дипломатски разговори.

Односите меѓу Вашингтон и Киев не биле толку напнати и лични од почетокот на руската целосна инвазија во 2022 година.

Во неделното интервју за „Блумберг њуз“, Зеленски отворено го обвини Трамп дека се обидува да го принуди Киев на капитулација пред Москва. Тој истакна дека САД намерно ги забавуваат испораките на ракети-пресретнувачи за системите „Патриот“, со кои Украина ги брани градовите од руските напади.

Украинските функционери сè почесто се сомневаат и дека САД повремено им ги ограничуваат разузнавачките информации и раните предупредувања за лансирање руски балистички ракети.

Иако Трамп постојано негира дека лично наредил ограничување на сателитската мрежа „Старлинк“, тој и неговата администрација не го кријат незадоволството од Зеленски. Притисокот врз Киев се засилува, додека Вашингтон истовремено го намалува притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин.

Завчера Трамп порача дека некој друг треба да преговара во име на Украина. Тоа се случи само еден ден откако во долга објава на социјалните мрежи го нападна Зеленски поради украинските напади врз руските рафинерии и ги оправдуваше отстапките кон Москва.

„Русија, искрено кажано, е сосема во ред кон Украина. Не направија ништо особено“, изјави Трамп пред новинарите пред да замине за Канзас.

Изјавата ја даде истиот ден кога во руски напад со дрон врз парк во Харковската област, среде ден, загинаа шест лица, меѓу кои и две деца. Меѓу загинатите биле едногодишната Ангелина и нејзината мајка Ина.

Претходната ноќ Русија го нападна Киев со повеќе од десетина балистички ракети и погоди речиси 30 клучни енергетски објекти низ Украина.

Европските дипломати зад кулисите се обидуваат да посредуваат и да ги поправат нарушените односи со Белата куќа, но засега не планираат патување во Вашингтон.

Европските функционери претходно редовно патуваа во Белата куќа за да ги смират судирите меѓу Трамп и Зеленски, особено по нивната жестока расправија во Овалната соба во февруари минатата година.

За Европа, нарушувањето на односите меѓу Вашингтон и Киев станува прашање на опстанок. Германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделникот предупреди дека целта на Путин не е само воен пораз на Украина, туку и поткопување на демократијата во Европа.

„Секојпат кога се среќавам со Доналд Трамп, се обидувам да го убедам дека тоа е и во негов интерес“, изјави Мерц за „Блумберг ТВ“.

„Стабилен европски континент и Европската Унија како глобален партнер се нешто од што корист имаат и самите Американци“, додаде германскиот канцелар.

Трамп побара европските лидери да преземат најголем дел од финансирањето на воената помош за Украина, но сега го засилува притисокот врз Киев. Според повеќе воени аналитичари и сè поголем број републиканци во Конгресот, тоа ја ослабува украинската одбрана токму во моментот кога ѝ е најпотребна поддршка.

Освен што ја ограничува испораката на офанзивно оружје, администрацијата на Трамп влијае и врз клучните одбранбени системи на Украина, пред сè врз противвоздушната одбрана.

Најновата ескалација започнала откако Трамп еднострано одлучил да дозволи руски дизел и да го замрзне новиот пакет санкции против рускиот енергетски сектор, кој го изгласал Конгресот. Според критичарите, овие потези директно ѝ помагаат на Москва да ги финансира воените операции.

Белата куќа особено ги критикува успешните украински напади со беспилотни летала со долг дострел врз руските нафтени постројки. Во пресрет на изборите на кои републиканците би можеле да ја загубат контролата врз најмалку еден дом на Конгресот, администрацијата на Трамп се обидува да ја префрли одговорноста за високите цени на горивата врз Киев, наместо врз војната што САД ја започнаа во Иран.

Зеленски во неделното интервју истакна дека САД доцнат дури и со испораката на ракетите „Патриот“ што Украина веќе ги платила.

Според неговите наводи, во Украина моментално пристигнуваат само 12 ракети месечно, што е една четвртина од количината што ја испорачувала администрацијата на Џо Бајден. Дополнително, Трамп ѝ ги наплаќа ракетите на Украина, додека Бајден ги испорачуваше како бесплатна воена помош.

„Залихите на ракети „Патриот“ во самите САД се исклучително ниски, според нашите процени има околу 800 ракети“, објаснува Марк Кансијан, поранешен експерт за воениот буџет, кој сега работи во вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

Пентагон стравува од недостиг на ракети доколку тие му бидат потребни за конфликтите на Блискиот Исток или за потенцијален судир со Кина.

На прашањето дали односите меѓу двете администрации се неповратно нарушени, американскиот државен секретар Марко Рубио избегна директен одговор. Тој порача дека единствената цел на Трамп е да ја запре војната.

„Тој е подготвен да направи сè за да се стави крај на војната, дури и ако тоа значи да изврши притисок врз двете страни за да седнат на преговарачка маса“, изјави Рубио.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Руски дрон се заби директно во зграда во Киев, има жртви и повредени

Катерина Ѓуровски

Трамп: Киев ќе паднеше за еден ден да не беше еден многу глупав руски генерал

Виткоф се среќава со Путин во Санкт Петербург

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Трамп збесна на новинар: Тишина, тишина, дали си ти болен

Катерина Ѓуровски

Трамп: Русија е голема машинерија, тие едноставно продолжуваат да напредуваат

Поддршката за Трамп падна на најниско ниво