Министерството за труд и социјална политика како невистини ги оцени тврдењата на Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија за прекршување на процедурата за донесување на Законот за минимална плата и информира дека претставници на КСС биле уредно поканети да присуствуваат на седница на Економско социјалниот совет на која тие биле разгледувани, но не присуствувале.
– Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Економско-социјалниот совет со Законот за работните односи и Спогодбата за основање на ЕСС од 2010 година, беше свикана седница на ЕСС од страна на министерката за труд и социјална политика и претседателка на ЕСС, Мила Царовска, на 18.07.2017 година, на чиј дневен ред беше ставен Предлогот на Законот за измена и дополнување на Законот за минимална плата, се вели во реакцијата на МТСП на денешната прес-конференција на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Во неа се додава дека на седницата, и покрај тоа што уредно биле поканети и претствници на КСС, како еден од двата репрезентативни синдикати кои се членови на ЕСС, тие не присуствувале со што, како што посочуваат од Министерството за труд, продолжиле со попречување на функционирањето на ова тело.