„Бугарскиот хегемонизам кон Македонија некогаш и денес беше душмански насочен кон македонскиот идентитет и македонската државност. Може да славиме заеднички откако ќе се извинат за големите злосторства извршени над невино македонско население многу пати низ минатото. Само тогаш и на таков начин можат да покажат дека го смениле својот подмолен однос и сфатиле дека треба да ја почитуваат македонската личност и имаат добри намери кон нас Македонците. Што ќе славиме заеднички кога неспоредливо повеќе има за извинување од бугарска страна отколку нешто добро што ни дошло од источните соседи. Навистина има поединци од бугарска националност кои учествуваа во македонските национални движења но најчесто истите истовремено од тогашната бугарска држава биле сметани за терористи. А поретко, ако биле лица потпомогнати од бугарската власт тоа биле бугарски агенти со антимакедонски задачи“, велат од здружението.
Според нив, спорен е и член 11 точка 2 дека ниту една од Договорните страни нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи, кои имаат за цел извршување на субверзивни, сепаратистички дејствија и дејствија кои се закана за мирот и безбедноста на другата Договорна страна. Забелешки имаат и за член 11 точка 5 дека Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија.
Тие праќаат порака до Бојко Борисов, Зоран Заев и Љубчо Георгиевски: „Тука е Македонија и вие не заслужувате да го дишете нејзиниот воздух“!