Македонија и ЕУ го одржаа 13. состанок за стабилизација и асоцијација со надеж за пробив во евроинтеграциите

Од:

По пауза од две години, Република Македонија и Европската унија, денеска во Брисел го одржаа 13. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на кој македонската држава ја претставуваа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, додека во име на ЕУ со состанокот ко-претседаваа Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението по денешнито Совет меѓу ЕУ и Македонија е наведена „потребата да се воспостави одговорност за прислушувањето и нападите во Собранието на 27-ми април, да се обезбеди судска независност, слобода на медиумите, слобода на изразувањето, почитување на човековите права и реформата на јавната администрација“.

Исто така, Советот за стабилизација и асоцијација, денеска повика и на одржување на повеќе долгорочни мерки за градење на доверба, на политичко ниво, но и повеќе проактивни политики за понатамошно зголемување на довербата и изградба на мостови меѓу заедниците. Притоа, Советот потсети дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински и ги поздрави првите чекори што ги презеде новата влада, како и активното учество на земјата и конструктивниот пристап во иницијативите за регионална соработка.

Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференција по состанокот истакна дека тој поминал одлично и дека се покриени разни теми, што според неа е одраз на новото чувство на оптимизам и нов почеток за земјата.

– Тоа ни овозможува повторно да го ставиме фокусот на вистинската агенда. Скопје мина низ сериозна и долга политичка криза изминатата година, при што ЕУ застана цврсто до вас во тешкиот период во земјата со цел постигнување на политички дијалог кој најде решение во согласност со Уставот. Мило ни е што денеска имаме нов почеток за земјата, оптимизам и силна заложба за сите енергии да се насочат на реформите што се потребни за граѓаните, а со цел интеграција во ЕУ, порача Могерини.

Додаде и дека денеска со македонската страна разговарале и за состојбата како да се придвижат работите напред во реформите и во добрососедските односи, со нагласена потреба за добри меѓуетнички односи во земјата и инволивираност на конструктивна парламентарна опозиција.

Могерини беше децидна дека на Брисел му е мило што се преземени сите чекори, особено во односите со соседите, посочувајќи дека договорот со Бугарија денеска е на дискусија во македонскиот Парламент и дека ЕУ тоа го поздравува. Таа, исто така го поздравува и духот на новата заложба што го покажува новата Влада со планот „3-6-9“, што според неа покажува јасно дека Владата е подготвена активно да се вклучи за примената и имплементацијата на реформите кои водат на патот кон интеграција во ЕУ.

– Интеграција на целиот регион во Унијата за нас е јасна перспкетива и тоа го потврдиме минатата недела на самитот за Западен Балкан во Трст. Сигурна сум дека ќе можеме значително да го придвижиме процесот на интегрирање на земјата. Оваа перспектива, перспективата на интегрирањето на БЈР Македонија во ЕУ е клучен дел на нашиот ангажман во Западниот Балкан и денес го потврдивме нашиот став во врска со тоа. Сигурна сум дека заедничка работа ќе вроди со реални плодови, заврши Федерика Могерини.

Како дополнување на Високата претставничка на Унијата, еврокомесарот Јоханес Хан, пак, ја поздрави посветеноста на новата македонска Влада за спроведување на договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети, што според него е важно за земјата да се врати на патот кон Европската унија.

– Но, тоа не е покана за избрзани законодавни решенија што треба да минат низ парламентарно одлучување, туку да има суштински консултации, беше дециден Хан.

Комесарот за преговори за проширување додаде дека Еврокомисијата е подготвена да помогне, за што веќе има тим на високи експерти на чело со Рајнхард Прибе, кој е во Македонија и одржува состаноци, а со цел проследување на препораките од 2015 година, ревидирајќи ги во сегашен контекст. Владата се соочува со големи предизвици, рече тој и додаде дека е потребно да се овозможат трајни реформи. Тој рече дека Владата треба да е подготвена за соработка со сите, вклучително и со опозицијата, која според Хан треба да е конструктивна.

– Ја поздравувам и силната ангажираност за решавање на повеќето отворени прашања, што сите го поздравивме на Самитот во Трст, а се однесува на европската перспкетива на Западниот Балкан, особно нагласено со заложба на Владата на агендата за поврзување, што е наградено со финансирање на железницата на Коридорот осум со 70 милиони евра кои се доделени и може да значи голема промена и за земјата и за регионот за повторно поврзување со ЕУ. Тоа е констурктивен пристап што земјата го има кон договорот за транспорт и заедничка економска област што го унапредува интегрирањето во ЕУ. Тоа го цениме и го поздравуваме, што го кажа и Могерини и ние ги цениме напорите што Владата ги прави да воспостави комуникација со соседите за надминување на тешкотиите од минатото, со цел успешно придвижување кон натамошно евроинтегрирање. Уверен сум дека ќе следат наредни успешни чекори, заврши Хан.

Министерот за надворшени работи Никола Димитров истакна дека на денешниот Совет е разговарано за меѓусебните односи и констатирана е отворена и конструктивна соработка во духот на меѓусебното почитување и разбирање.

– Новата Влада што се роди по долга и тешка, како морална, така и политичка и институционална криза е Влада што има едно суштинско ветување кон граѓаните, а тоа е да се работи на градење независни и функционални институции што ќе обезбедат со Република Македонија да владее правото, а не еден лидер или група на лидери. Во таа смисла, овој контекст не прави блиски партнери со европските институции, со Европската комисија и со земјите-членки. Цврсто сме решении оваа втора шанса како држава да ја искористиме и да обезбедиме почеток на пристапните преговори со Унијата, посочи Димитров.

Македонскиот шеф на дипломатијата додаде дека денеска со високите претставници на ЕУ се согласиле за важноста од адресирање на заостанатите реформи во отворен инклузивен дијалог во рамки на можностите и транспарентен процес, што ќе биде фокусиран на квалитет во реформите за општеството. Паралелно, тој рече дека македонската Влада превзема проактивен пристап кон унапредување на добрососедските односи.

– Направиме базичен компромис за текстот на договорот со соседна Бугарија, која е една од двете ЕУ-членки што ни се соседи. А, со прва посета на Атина што ја имав минатиот месец, направен е скромен чекор кон зајакнување на меѓусебната доверба. Вториот ќе биде посетата на мојот грчки колега Никос Коѕијас на Македонија на крајот на август месец, истакна Димитров.

Министерот за надворешни работи на Македонија додаде и дека од ЕУ е побарана имеплементација на чекорите за унапредување на добрососедските односи, со можност за превземање на конкретни чекори за да се отклучи признатиот пат на Република Македонија кон членство во ЕУ. Тој посочи дека Македонија не само што е спремна, туку и дека мора да испорача резултати, а дека „Унијата има шанса да демонстрира стратешка визија и да најде начин за пристапниот процес да продолжи на Македонија врз основа на резултатите, што ќе биде добро за нас, но и за регионот и за цела Европа“.

На крајот, вицепремиерот Бујар Османи на прес-конференцијата посочи дека по една година прекин на одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација на Европската унија и Македонија, поради тешката политичка криза во земјата, дека ова е добар знак дека земјата се враќа на патот кон евроинтеграциите. Тој рече дека денеска упатил три пораки на Советот, а тоа е дека „државата ги прифаќа сите препораки на Еврокомисијата за реформите, дека е време да испорачаат конкретни резултати и реформи во инклузивен сеопфатен процес со граѓанското општество и со опозицијата“. Тоа, според Османи е предизвик во поларизирано општество, а причинето од кризата.

Сепак, македонскиот вицепремиер рече дека Владата сака процесот на интеграции да го направи на супрапартиско, супраетничко, супранационално ниво со цел конзесус на сите на патот на интеграциите. Османи истакна дека планот е две траектории: адресирање на основните реформи кои ќе ја подготват земјата за преговори и да стане идна членка на ЕУ и адресирање на отворените политички прашања што се пречка на патот на државате за интегрирање во ЕУ.

– Планот „3-6-9“, кој го подготвивме како дел од првата траекторија се мерки што ќе ги превземеме во првите три месеци до локалните избори со цел истите да бидат фер и кребидилни. Шест месеци е до крајот на годинава, а девет месеци до следниот извештај на ЕК, каде ќе спроведеме и адресирањена отворените политички прашања, вклучително и на меѓуентичките односи. Во однос на унапредување на Рамковниот договор, ние ќе го донесеме законот за јазиците во првите 100 дена на оваа Влада, рече Османи.

Со реализирање на планот „3-6-9“, според вицепремиерот за евроинтеграции значи адресирање на отворените политички прашања, фер и кредибилни локални избори. Притоа, според него, очекувањата на граѓаните се дека и Европската комисија ќе испорача, најпрво со чист извештај, а со надеж и за добивање на датум за преговори за членство во Европската унија. Овој процес е заеднички, рече Османи, и вети дека македонската Влада ќе ги заврши домашните задачи во тој дел, но дека се очекува и партнерство со Еврокомисијата и со земјите-членки на ЕУ на тој пат.

На прашањето дали е можно ЕК да издаде вонреден прогрес-извештај за Македонија, со оглед на тоа што следниот за сите земји од процесот на проширување ќе биде подготвен дури во април идната година, еврокомесарот Хан одговори дека Брисел е флексибилен во однос на ова и посочи дека „доколку работите созреат, сигурно ќе направиме посебен извшетај пред април 2018 година“. Сепак, тој потенцираше дека за ова, земјата треба добро да биде подготвена преку работа на реформските приоритети и на Акцискиот план.

Високата претставничка Могерини, пак, беше прашана дали ЕУ има намера да почне проактивна улога за да им помогне на Грција и на Македонија во решавањето на разликите околу името, на што таа одговори:

– Ние сме активни и се надеваме дека ќе има решение на прашањето за името што е можно побрзо и ги поздравуваме позитивните чекори што се превземаат. Исто така, сакам да нагласам дека го поздравувам и позитивниот факт дека БЈР Македонија и Бугарија успеаја билатерално, без медијација, да постигнат договор, па така оптизмот е околу нас, одговори Федерика Могерини.

Во однос на тоа дали по вчерашната средба на грчкиот министер Коѕијас со преговарачот за името на Обединетите нации, Метју Нимиц во Брисел, тој како македонски шеф на дипломатијата имал средба или се слушнал со еден од нив двајца, министерот Никола Димитров одговори негативно, посочувајќи дека треба да се биде внимателен во испраќањето на пораките.

– Прашањето е долго отворено меѓу државите и нема решение преку ноќ. Важно е што новата Влада нема да се плаши да преговара, но нема да преговара од страв, туку за да се најде решение. Второ, мислиме дека во контекст на Балканот е и фактот дека или заедно ќе успееме во регионот или не. Сите држави. Ние се обидуваме сите отворени прашања да не ги гледаме низ призма „победник и губитник“, туку што е можно двете држави или целиот регион да направат за исчекор напред во контекст на европската иднина. Ќе го цитирам мојот грчки колега Никос Коѕијас дека историјата не треба да биде затвор, туку учител. Ние имаме направено претходно грешки и по ова прашање и ова е можност истите да не ги повториме, посочи Димитров.

Запрашан од грчки новинар, кој притоа го употреби акронимот „ПЈРМ“, министерот за надворешни работи веднаш реагираше дека употребата само на акронимот се однесува „на неговата земја како да се вели дека се Клингонци“. Сепак, конкретно дали Македонија ќе прифати сложено име што ќе содржи географска одредница за пред уставното име, Никола Димитров со одговор дека „ова е шаховска игра и не може да се каже однапред кои ќе бидат нашите потези“.

– Сакаме да го решиме прашањето, бидејќи ова е пречка што долго постои. Но, ние веруваме дека блокадата и тоа што Македонија е во чекална зад затворени врати предолго, едноставно не создава позитивна клима поволна за наоѓање на решение. Тоа не прави подефанзивни и јавното мислење е определено од стравот. Ние немавме процес последните три години, а неодамна Нимиц беше во Скопје, а вчера во Брисел. Фокусирани сме како да го рестартираме процесот на преговори и сега сме во фаза каде повторно се запознаваме меѓусебно и веруваме дека ова не може да се реши ако една од страните е победена. Мора да се најде начин каде двете земји ќе може да потпишат договор со исправена глава и тоа е можно. Но надежта е едно, а неменаџирање на процесот со очекувања е друго. Потребни се добри чекори и во вистински момент, заклучи министерот Димитров.

По завршувањето на денешниот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европската унија во Брисел, водечката двојка за надворешни работи во македонската Влада има предвидено и други активности во европската престолнина, меѓу кои е и билатерална средба со министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс.

Би можело да ве интересира

Османи: Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он