Околу 8.400 лица во изминатите две години ги зголемиле своите знаења и способности потребни за вработување во рамки на проектот „Поддршка за вработување на младите луѓе, долгорочно невработените и жените”, финансиран со грант од Европската унија. Дел од нив преку овие активни мерки успеале да најдат вработување.
– Првично беше планирано да бидат опфатени 7.900, а потоа поради големиот интерес беа обучени 8.400 лица. Околу 500 лица по завршувањето на обуката се вработени. Процентот не е многу голем, но е охрабрувачки и дава надеж дека со вакви обуки и начин може да се состварат многу подобри резултати и бројката на невработени за неколку години да се намали, истакна директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Со неговиот став дека резултатите од преземените мерки во рамки на овој проект се позитивни и оти ги даваат посакуваните резултати се согласува и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. Тој најави дека по завршувањето на овој проект, се очекува нов втор грант од Европската унија за активни мерки за вработување.
– Ние сме во исчекување на вториот директен грант кој треба да дојде од ЕУ. Во завршна фаза е изработката на нов оперативен план за активни мерки за вработување за 2013 година и се очекува да биде усвоен во наредните 15 дена. Во него има извесни корекции на политиките во изминатите пет, но и последната година. Врз основа на анализите што ги направиме се констатираа потреба од измена на одредени активни мерки, замена со други, или алокација на средства од едни на други мерки за кои беше пројавен поголем интерес. Мислам дека во 2013година ќе имаме подинамичен план со опфат на поголем број луѓе и поголем буџет. Нашите олчекувања се дека со ваква активна и агресивна политика на вработување можат да се постигнат огромни резултати, рече Ристовски.
Според него, за успешноста на политиките за вработување говорат и последните податоци на Државниот завод за статистика за намалување на стапката на невработеност.
– Тие се доказ дека и покрај кризата со ваков директен начин на мотивација на луѓето за вработување може да се постигне успех и тој е евидентен, рече Ристовски.
Целта на проектот, имплементиран во изминатите две години, беше да се подобрување на вработливоста на невработените млади луѓе до 27 години, долгорочно невработените луѓе и жените на пазарот на труд преку зголемување на нивните знаења и вештини.