Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која што новата влада на Зоран Заев ја нарече анти-реформска.
– Зоран Заев ветуваше фокус на економијата, а во реалноста бега од одговорноста. Од тројца министри без ресор, задолжени за привлекување странски инвестиции, ниту еден, повторувам ниту еден не е од СДС, ниту пак има некакво меѓународно искуство. СДС не може да избега од одговорноста за реализација на ветувањата што ги даде за изборите. Привлекувањето на странски инвестиции се исклучително важен сегмент во развојот на економијата кој не смее да биде занемарен, рече Делев.
Тој кажа дека СДСМ се откажале од овие суштински и одговорни позиции и смета дека тимот што ќе работи на привлекување на странски инвестиции е загрижувачки.
– Секој потенцијален инвеститор, пред да одговори позитивно на поканата за состанок, првин ќе се обиде да ја провери биографијата на промоторот или лицето со кое треба да се сретне.Тука ќе биде веројатно првиот шок кога ќе се впише името на министерот без ресор Рамиз Мерко или Аднан Ќахил, рече Делев.
Според него министерот за странски инвестиции Рамиз Мерко имал богато CV, но не на професионал план, туку, како што кажа Делев, за прекршување на законот.
– Медиумите пишуваа дека неговите проблеми со законот започнале уште во 1998-та година кога е обвинет за фалсификување патна исправа, додека пак во периодот од 2006-та до 2015-та година има заработено дури 10 кривични пријави, и тоа сите за злоупотреба на службена положба и овластување, кажа Делев.
Тој додаде дека ваквата биографија била потценување на компаниите и нивните бордови кој што ќе ги убедува да инвестираат во Македонија.
– Доколку тие пребараат податоци за него на ГУГЛ меѓу првите наслови излегуваат вестите во кои новиот министер за странски инвестиции е обвинет за злоупотреба на 70.000 евра општински пари, и тоа обвинение од страна на неговиот коалиционен партнер Зијадин Села, рече Делев.
Тој рече дека наместо владата да изобилува со подготвени и квалитетни кадри, таа изобилувала со министри полни со кривични пријави без респектабилно искуство. Тој запраша дали некој сериозен странски инвеститор ќе му верувал на министерот Рамиз Мерко со CV во кое што доминирале прекршувања на законот и проневера на народни пари.
– За разлика од СДС, владата на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување на странски инвеститори постави искусни менаџери кои уживаат висок кредибилитет меѓу бизнис светот надвор од Македонија. Луѓе кои знаат како функционираат меѓународните пазари на капитал. Длабоко ќе се разочараме ако ги споредиме кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Веле Самак, Виктор Мизо, Бил Павлески, Џери Наумоф и нивните биографии и кредибилитетот и углед кој што го уживаат во светски познатите компании и бордови, со кадрите на СДС како Рамиз Мерко кои на своето конто имаат 10-тина кривични пријави. Економскиот тим за привлекување на странски инвестиции на ВМРО-ДПМНЕ предводен од овие луѓе изминативе години донесе 10-тина мега компании кои отворија над 30.000 директни работни места и им дадоа простор на домашните компании за развој и отворање на индиректни работни места, рече Делев.
Според него граѓаните не ги интересирале коалициските математики на Заев, туку ги интересирало колку места и кои места морал Заев да ги отстапи за да се задоволат коалициските партнери.
– Граѓаните сакаат да видат резултати. Во делот на економскиот напредок на нашата држава, владата на Заев им вети на граѓаните отворање на 64.000 нови работни места во приватниот сектор, просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, а докторите ја очекуваат ветената плата од 100.000 денари. Граѓаните ги очекуваат инвестициите во нови 500 километри автопат и ветената повисока стапка на раст на економијата од најмалку 5% годишно, заврши Делев.