На 62-годишниот Спасе Божиновски кој е во тешка здравствена и економска состојба потребна му е итна помош од социјалните установи и Министерството за труд и социјална политика.
Спасе има скршеница на десната потколеница, преживеал два мозочни удари и не може да се движи без помош од друго лице.
Волонтерите од социјалниот центар „Дуња” апелираат до Министерството за труд и социјална политика да го згрижат бездомникот, кој е во тешка економска и здравствена состојба во Геронтолошкиот завод „13 Ноември”.
Исто така тие упатуваат апел и до градоначалникот на општина Илинден да се постави монтажна куќарка во Ајватовци како би имал помош од неговите роднини и не би бил сам.
– Сместувањето на Спасе ни е приоритет, потенцираат волонтерите од социјалниот центар „Дуња”.
Во текот на зимата поради екстремно ниските температури „Дуња” започна акција за згрижување на бездомници, згрижени се 25 лица.
– Со донациите што ги собравме во текот на акцијата обезбедуваме храна и плаќаме кирија. Остануваат пари за кирија уште за 1 месец, па затоа сакаме во меѓувреме да изнајдеме трајно решение, потенцира волонтерот Борис Спировски, студент на Правниот факултет.
-Јас живеев во село Ајватовци таму имав куќа, но бидејќи беше стара се урна и оттогаш немам каде да живеам. Имам два сина. Со едниот не сум во добри односи, а другиот е во Германија. Инаку, сум разведен. Така останав сам, вели Божиновски.