Дојче веле – Бон
Африканскиот слон е симбол на Црниот континент. Не само од волшебната природа на Африка, туку и алчноста и корупцијата: секој час во Африка илегално се убиваат најмалку три слона. Но, во Уганда состојбата се подобрува.
Уганда и Танзанија се соседни земји, но се одличен пример за различниот однос кон африканските нежни џинови.
Во Танзанија состојбата е катастрофална. Само во изминатите пет години таму исчезнале околу 60 отсто од популацијата на слоновите и таа земја е главно место за трговија со слонова коска. Британското невладино здружение за заштита на околината Environmental Investigation Agency мораше да утврди дека состојбата станува уште полоша. Трговијата со слонова коска во Танзанија е целосно под контрола на организираниот криминал на кинеските банди. Големата добивка која се остварува со продажба во Азија е и повеќе од доволна да се потплатат службениците во Танзанија и да замижат на двете очи за извозот на слонова коска.
– Се зголемува бројот на пратките со илегална слонова коска од пристаништето во Дар ес Салам и Момбаса. Пред 20 години во цела Африка имаше само неколку пристаништа во кои се тргуваше со незаконски убиени животни, денес ги има илјадници – се жали Мајкл Кегвин од Фондацијата за спас на природата во Уганда.
– Побарувачката од Кина и бескрупулозните ловокрадци во снабдувањето на тој шверцерски ланец е на исклучително професионално ниво, па затоа треба да бидеме професионални и во борбата против нив. Но, Танзанија пред се се бори и против корупцијата во редовите на своите службеници – додава Кегвин.
Од катастрофа до примерен ученик
Всушност, Уганда а не Танзанија била симбол на криволов и колеж на слоновите. Уште во 60-тите години од минатиот век во Уганда на четврен километар живееле многу повеќе цицачи како слоновите или нилските коњи, од што живееле во други земји во Африка. Но, тогаш во Уганда почнал крвав период на диктаторот Иди Амин кога слоновите и дивечот се убивале по волја и од чиста забава.
Владеењето на Иди Амин било завршено со воена интервенција на Танзанија во соседната држава, но таа војна била погубна за дивите животни. Војниците од двете страни убивале животни за пари, но и за храна. Тоа било период кога не било исклучено дека во Уганда слоновите ќе бидат истребени бидејќи во почетокот на 80-тите останале само околу 700.
За среќа, Уганда била одлучна да ги спаси своите слонови и постигнала спектакуларни резултати: денес пред се во националните паркови на Мурчинсоновите водопади, на Кралицата Елизабета, во долината Кидепо и во соседното заштитено подрачје Каренга, живеат над 5.000 слонови, кои всушност на никого не нанесуваат никакво зло, освен гранките и жбуновите кои ги јадат.
За жал, мерките за заштита на популацијата на слоновите во Уганда само се делумно причина за нејзиното зајакнување. Втора причина е тоа што овие интелигенти животни одамна сфатиле дека националниот парк Вирунга во Демократска Република Конго, која е западен сосед на Уганда, е национален парк само на хартија. Поради тоа едноставно пребегале преку границата. Имено, скандалите во Вирунга се секојдневие и дури и чуварите, секако за одредена количина на долари, помагаат на криволовците на убиените животи да ги исечат драгоцените рогови.
Не се лажете, тоа е опасна работа
Симон Хеџес од здружението за заштита на диви животни Wildlife Consevation Society WCS, сепак тврди: – Секако има слонови кои побегнале од Вирунга, но не е само миграцијата причина за зголемениот број на слонови во Уганда. Тука може да се утврди и вистинскиот, биолошки раст на бројот на слоновите.
И Мајкл Кегвин од Фондацијата за заштита на природата на Уганда тврди дека тоа е резултат на зголемената безбедност која слоновите сега ја уживаат во Уганда, но и предупредува дека никако не е лесно да се заштитат тие животни. – Тоа е заслуга на чуварите во парковите и службениците на Кабинетот за заштита на природата. Бидејќи, тоа се луѓе на кои криволовците пукаат, кога сакаат да зграбат плен. Немојте да имате никакви илузии, да се биде чувар на парк тоа е опасно по живот.
Бидејќи инциденти има и во Уганда, па така и неодамна имало судири со криволовци во националниот парк на Кралицата Елизабета. Но, тоа што Уганда сега ја мачи е дека, наспроти безбедноста на слоновите кои таму живеат, сепак токму Уганда е меѓу главните земји кои тргуваат со слонова коска. Така според податоците на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови (Convention on International Trade in Endangered Species CITES) Уганда била меѓу осум главни земји во кои цвета шверцот со слонова коска. Бидејќи не се доволни само пожртвувани и храбри чувари на паркови кога во државните служби се уште владее корупција. Парламентот на Уганда сега расправа за нови закони со кои за трговија со производи од убиени заштитени животни може да се оди во затвор, на 20 години!
Уганда е секако светол пример во заштита на слоновите во Африка и другите земји би можеле многу да научат од неа. Но, наспроти сето тоа, вкупниот број на слонови во Африка и понатаму се намалува, а и додека го читате овој текст, во Африка најмалку еден слон повторно е застрелан само од алчност за скапоцената слонова коска.